Движењето за чист воздух реагира на скандалозната изјава на заменик министерот за животна средина, Јани Макрадули, кој го отфрли тврдењето дека Скопје редовно се наоѓа меѓу петте најзагадени градови во светот и дека податоците од мерењата на воздухот, кои често пати се појавуваат на социјалните мрежи се од сензори купени на „али експрес“.

Оттаму во отворено писмо до „почитуваниот заменик министер за загадување на животната средина“ порачуваат:

Али Експрес е фирма ќерка на Али Баба. Бидејќи милувате да ги користите овие две компании, ве молиме во своите изјави, во интерес на граѓаните кои сакаат да дишат чист воздух да ги наведете останатите 40 разбојници на Али Баба кои во континуитет не трујат и се најодговорни за доведувањето на нашите животи во опасност. Како наш придонес, со цел да се разреши проблемот, ние ќе ви помогнеме за иднетификација на првите три разбојници:

 

1. Цементарница

 

2. Железара

 

3. Дрисла

 

… 40, пишуваат од „Движењето за чист воздух“ додавајќи дека се надеваат дека овие три доволно ќе го инспирираат да ја надополнат листата со преостанатите.

Му порачуваат дека доколку се двоуми или нема идеја кои се, да се обрати до „Движењето за чист воздух“, а тие ќе му помогнат да ги идентификува и лоцира како главни помошници на Али Баба.

Друже Јани ти си наше светло на крајот од индустрискиот оџак, ти си бесценет ко концесија за мала хидроцентрала, сјај во очите на генерален директор, борец против ќумбињата, цар на сите стратегии! Кога го слушаме твојот милозвучен говор се потсетуваме кога нашите претци ги водеа овците на испаша. Ти си сон за секоја партија пред избори и ќе ургираме сите пак да те стават како носител на листа. И те молиме многу поздрави ни ги другарчињата од царина, Дрисла, Те-То, Цементара и ИнспектораТ… со кои заедно сте нашиот дрим тим од сеништата, се вели во писмото на „Движење за чист воздух“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.