По свештените лица од Кавадарци, кои порачаа дека „короната не се пренесува преку причесната или иконите“ и дека „подобро е да умрете причестени со Христос, отколку да живееме без него“, сега уште една црква повикува верниците да се соберат, а не да го дочекаат Велигден „по балкони и по дворови“.

Од црквата „Света троица“ од Дебело Поле, охридско, велат дека поради тоа што Црквата сè уште нема забрана за богослужба, православните христијани треба да го дочекаат Христовото Воскресение во божјите храмови.

Браќа и сестри Православни Христијани! На ден 18.04.2020 година во 23:30 часот да бидите сите во Црквите во вашата парохија и во 00:00 да го дочекаме Христовото Воскресение како што ни доликува со молитва и со причестна. А не по балкони, и по дворови. Црквата сеуште нема забрана за богослужба, така да сите богослужби остануваат како што се востановени во типикот, но доколку има промени во времето за богослужење нахнадно ќе известиме. Мир и благослов од Христа Бога за вас и вашите ближни, се вели во нивниот повик.

За споредба, во Грција уште пред една недела беше потенцирано дека велигденските литургии ќе се одржат во црквите, но зад затворени врати, а верниците ќе го прослават Велигден дома.

„Република“ испрати прашање до министерот за здравство Венко Филипче дали се планират построги мерки за верските заедници или ќе се остане само на апели, кое очекуваме да биде одговорено на денешната прес-конференција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.