Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, ги отфрли наводите на пратеникот Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ дека припадници на военото разузнавање биле упасени на Косово.

На гостувањето во емисијата „360 степени“ на Алсат телевизија, Петровска најави дека е можно да поднесе тужба против него.

Во емисијата, Петровска зборуваше и за можната донација на хеликоптери на Украина.

Таа посочи дека анализата на Генералштабот за тоа дали земјава може да ги донира хеликоптерите Ми-24 е завршена и дека на следната владина седница ќе биде доставен предлог за донесување на одлука со која  Македонија ќе и донира 12 хеликоптери на Украина. Петровска нагласи дека ваквата одлука нема да влијае на борбената готовност на Армијата.

Сета опрема којашто досега беше донирана, освен што е на барање на Украинците, ним им е потребна и тоа е опрема за која украинската армија е вешта во користењето, опрема која согласно нашите планови за модернизација веќе е на истекот на користење, нема да биде во составен дел на нашето вооружување и многу е извесно дека за кус временски период, ќе требаше да ни биде наплатено за да ја уништиме, рече министерката.

Во однос на финансиските импликации, Петровска истакна дека проценката на вредноста на донациите без можната донација на хеликоптери изнесува околу 30 милиони евра, но дека за само помалку од една година Македонија беше поддржана од САД со 139 милиони долари, наменети за набавка на нова, најсофистицирана опрема.

За плановите за набавка на нови хеликоптери, министерката информира дека во завршна фаза е деталната евалуација на петте пристигнати понуди за набавка на повеќенаменски хеликоптери и анализата за тоа дали тие се во согласност со нашите барања и потреби. Таа појасни дека станува збор за повеќегодишна набавка на осум повеќенаменски хеликоптери.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.