Ние ја осудивме руската агресија врз Украина и дадовме целосна поддршка на украинскиот народ во одбрана на својата независност која вклучуваше не само политичка, туку и конкретна техничка помош и воена опрема. Три одлуки беа донесени, во фаза сме на договарање на четвртата, таа наскоро ќе биде донесена. Споредено со нашите капацитети и големина, припаѓаме во групата на земји кои најмногу ја помогнаа Украина во нивната праведна одбрана од агресијата. Тоа го направивме затоа што веруваме во принципите на меѓународното право кое не дозволува воена агресија на една земја врз друга.

Ова го истакна министерката за одбрана Славјанка Петровска во обраќањето со кое ја отвори регионалната конференција „Војната во Украина и влијанијата на надворешни актери – безбедносни предизвици за Европа и регионот”, организирана од Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Фондацијата „Конрад Аденауер“.

Македонија која е членка на НАТО, нагласи таа, на дело покажа дека е цврсто посветена на помошта и поддршката на Украина, не за војната да се оддолжи, туку за независна и суверена Украина да може да се одбрани од агресијата врз неа.

Петровска се осврна и на бројните предизвици со кои се соочуваме денес, особено енергетската криза која влијае на сите аспекти на живеењето. Кога енергенсите стануваат оружје чија цел е да се скрши поддршката за Украина, подвлече, ние мораме да бидеме уште посилни и понапорно да работиме да ја намалиме зависноста од оваа закана во иднина.

–Енергетската зависност станува клучен предизвик за повеќето земји. Поради порастот на цените на енергенсите, импликациите се чувствуваат врз секој аспект од нашето живеење. Сите во регионот ги чувствуваме и другите последици на војната во Украина, од растот на инфлацијата, дезинформациите и популистичките реторики кои се засилуваат користејќи го видливиот застој во евроинтеграциите на Западниот Балкан рече Петровска.

Во своето обраќање Лариса Дир, украинската амбасадорка истакна дека целосната инвазија на Руската Федерација во Украина доведе до привремена окупација на речиси 20 проценти од територијата на Украина и непоправлива загуба меѓу цивилното население и воениот персонал, предизвика мултидимензионална хуманитарна криза од големи размери за целиот свет и го отежна опоравувањето на глобалната заедница од последиците од пандемијата Ковид-19. Таа наведе и цела листа на разорувачки последици од руските воени дејствија чија крајна цел е рече уништување на Украина и украинскиот народ.

–Заштитувајќи го правото на живот на Украинците, постоењето на украинската држава, европските вредности, Украина има сигурна поддршка од земјите-членки на ЕУ и НАТО. Оваа поддршка е повеќедимензионална, од финансиска помош до воена помош – снабдување со оружје, обука на војската. Се надеваме дека испораката на оружје за Украина ќе биде брза и дека ракетните и воздушните одбранбени системи ќе бидат снабдени во доволна количина за да се избегнат повеќе жртви, порача Дир.

Таа меѓу другото потсети дека на 30 септември, Киев потпиша апликација за забрзан пристап во НАТО, за што е потребен консензус од сите земји-членки и дека сметаат на позитивните промени во ставот на земјите-членки на Алијансата, кои порано беа скептични за приемот на украинската држава во Алијансата.

-Доколку Алијансата постави дополнителни мерки, кои Украина треба да ги преземе за успешно да го заврши процесот на пристапување во НАТО, Украина ќе ги исполни сите. Би сакале да побараме поддршка за овој процес, рече амбасадорката Дир која се заблагодари на Република Македонија за поддршката на сите пакети санкции, на сите резолуции кои се однесуваат на помошта на Украина во рамките на меѓународните организации, го поддржа форматот на Кримската платформа, е учесник во Парламентарен самит на Кримската платформа, чија седница се одржа вчера, за обезбедување хуманитарна помош од првите денови на војната, како и суштинска воена помош..

Учесници на Конференцијата се универзитетски професори и експерти од областа на безбедноста и меѓународните односи од Македонија, Германија, Бугарија, Србија и од Црна Гора.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.