Законот за попис на населението е во собраниска процедура и со неговото усвојување се создаваат сите услови за одржување на попис оваа, 2021 година. Попис, по највисоките меѓународни стандарди, дигитализиран и согласно прописите на Евростат, рече на прес конференција Славјанка Петровска, пратеничка на СДСМ.

После цели 19 години на нашата земја и е неопходен попис. За да може подобро и рамномерно да се развива, за креирање нови долгорочни развојни политики. Тоа е во интерес на државата, на народот, на сите наши граѓани. Затоа велиме дека реализацијата на оваа статистичка операција е патриотски чин. По скоро 19 години без спроведен попис, никој не смее да го кочи или одолговлекува. Ние нема да дозволиме народот да претрпи штета, пописот ќе се одржи оваа година. Мицкоски мора да сфати дека пописот е статистичка операција, а не политичка. А за својата борба за фотелјата во белиот дворец треба да си бара други начини наместо да блокира се што е во интерес на граѓаните и државата. Тој е против се а не знае зошто. Се обидува да блокира се, без никаква одговорност кон државата и без осет за потребите на граѓаните. Дури повикува на бојкот на пописот. Зошто не знае ниту тој. Помалку граѓани Македонци да излезат? Да бидеме единствена земја без попис – вели Петровска.

Таа порача дека власта нема намера да му дозволи на ВМРО-ДПМНЕ да спречи уште еден попис.

Како пратеници избрани од народот имаме обврска да овозможиме надлежните институции да ги направат сите подготовки за пописот и успешно да го спроведат согласно сите меѓународни стандарди. Затоа ги повикувам сите пратеници, да го поддржат законското решение. Државата има електронски регистар на население кој ќе биде поврзан со уредите за попис и податоците ќе бидат споредувани со податоците на други 10 институции и проверени. Што значи не е возможно да се попишат лица кои не постојат. Без разлика колку и да не им се допаѓа на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски, попис оваа година ќе има по меѓународни стандарди – децидна е Петровска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.