Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска кажа дека македонската армија ќе набави современ систем за противвоздушна одбрана (ПВО) од Франција. Зборувајќи пред пратениците од Комисијата за одбрана и безбедност, Петровска рече дека набавката на системот за ПВО е комплементарна во целокупниот одбранбен систем на државата.

„Министерството за одбрана пристапува кон набавка на современ систем за противвоздушна одбрана, а за кој ќе склучи договор со Министерството за одбрана на Република Франција. Станува збор за повеќегодишна набавка на систем за противвоздушна одбрана на мали височини, кој треба да ја унапреди борбената готовност на Армијата, а кој е предвиден согласно Планот за опремување и модернизација на Армијата. Како НАТО членка, безбедноста на нашето небо ја гарантираат сојузничките воздухопловни сили, а набавката на системот за противвоздушна одбрана е комплементарна во целокупниот одбранбен систем на државата“, се вели во соопштението на Министерството за одбрана за денешната седница на собраниската комисија.

Од Министерството за одбрана додаваат дека договорот со Министерството за одбрана на Република Франција ќе биде наскоро склучен, а јавноста ќе биде подетално информирана и за типот на воена опрема и за динамиката на испорака.

Современ француски систем за противвоздушна одбрана на мали височини е „Мистрал“, каков што набави Србија пред три години. Тогаш, српскиот претседател Александар Вучиќ кажа дека купиле 18 системи со 50 ракети.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.