Техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев и дополнителната заменик-министерка Славјанка Петровска беа повод за две прес-конференции, едната на СДСМ, а другата на ВМРО-ДП МНЕ.

На прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ членот на ИК Орце Ѓорѓиевски обвини дека Славјанка Петровска е назначена за заменик во МВР за да ги штити криминогените ликови и да ја спречи професионализацијата на МВР.

Криминалот и криминалците се природна средина за Заев и Спасовски. Само со сомнителни ликови тие се чувствуваат сигурно бидејќи знаат дека со такви ќе може да се пазарат и договараат. Петровска нема ниту ден работно искуство во областа на безбедноста. Единствена допирна точка ѝ беше седењето во шатор пред владата каде хулигани напаѓаа и повредија десетици полициски службеници, рече Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека Заев, Спасовски и Петровска се во паника бидејќи веќе не можат да се потпрат на услугите на Примислав Димовски, кого си го назначија за началник на интервентната единица.

Димовски е познат по тоа што дебело си ја наплати својата соработка со криминализираното СЈО. Дали и тој е вмешан во рекетот треба да се докаже истрагата, но Димовски освен платата од МВР зел и 40.000 евра за услугите кон Катица Јанева. Заев, Спасовски и Петровска се во паника затоа што се гледа дека Лазе Евридики, не е единствениот кој полициските службени возила ги злоупотребувал за лични потреби. Лазе ќерката си ја развозуваше по грчки кампови, а за соработниците на Спасовски не се знае ниту каде ги управуваат возилата. Лазе Евридики без срам си го поставија за началник на организиран криминал, а соработниците на Спасовски уште побесрамно одбиваат да ги вратат службените возила. Јасно е дека со вакви ликови во полицијата ќе гледаме престрелки по хотели и улици или ќе имаме фалсификувани пријави како во случајот со насилството на Курто Дудуш, рече тој.

Пратеничката Снежана Калеска-Ванчева, пак, на денешната прес-конференција рече дека кадрите на ВМРО-ДПМНЕ во преодната влада за само една недела покажале непознавање, нестручно и незаконско работење на штета на граѓните и државата.

Техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев го нарушува функционирањето на полицијата и ја загрозува безбедноста на граѓаните. Чулев издал телеграма со која ги укинува наредбите за извршување задачи на полицајците во други организациони единици (член 154 од Законот за внатрешни работи). Со тоа Чулев создава недостаток на полицајци за обезбедување и директно ја загрозува безбедноста на лицата и објектите кои МВР има законска обврска да ги обезбедува, како и амбасадите на неколку држави, резиденцијата на амбасадорот на ЕУ и други. Со таквото неодговорно и незаконско работење, Чулев ја доведува во опасност безбедноста на границата, на највисоките државни претставници, како и на амбасадите во нашата држава односно ја загрозува целокупната безбедносна состојба во државата. Загрозувањето на безбедноста на граѓаните, на границата и државните објекти е кривично дело. ВМРО-ДПМНЕ со својата неспособност создава услови за извршување на кривични дела од други лица, кои сакаат да го загрозат територијалниот интегритет на државата, рече таа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.