Дополнителната заменичка министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска вечерва објави на својот фејсбук профил дека целосна невистина се тврдењата на новиот технички министер на МВР Наќе Чулев изнесени во интервју за ТВ Алфа за незаконски решенија и наводна поврзаност со криминалните структури.

Според неа, сите акти кои се потпишани се во согласност со законот и прописите во МВР.

Иако ДПМНЕ најави нов лик, сепак никако да ги заборават старите навики. И понатаму продолжуваат со намерното ширење лаги дека во МВР не постои компаративна статистика за состојбата со криминалитетот во периодот додека на чело на МВР беше Оливер Спасовски. Напротив, вистината е не само дека постои анализа туку таа покажува извонредни резултати споредено со периодите претходно кога министерството беше управувано од ДПМНЕ. Намален е криминалитетот, разбојништвата, убиствата, жртвите од сообраќајни незгоди и тн. Овие резултати беа презентирани минатата недела на брифинг со новинарите на кој беа присутни над 30 претставници на медиумите, пишува на нејзиниот фб профил.

Таа додава дека уште поконкретен податок за работењето на МВР под раководство на Спасовски е анкетата на ОБСЕ за довербата на граѓаните во полицијата, која, вели, јасно покажува дека довербата во полицијата расте односно дека граѓаните сметаат дека полицијата работи добро и дека се минато времињата кога со МВР раководеше ДПМНЕ, а довербата беше сведена на мизерни бројки токму поради партиската злоупотреба на полицијата.

Како човек од безбедносно-разузнавачката заедница Чулев треба да ги знае законите во Република Македонија и да е свесен дека сомнежи за евентуална поврзаност со криминални структури се пријавуваат во Јавното обвинителство, а не во интервјуа. Зарем ова е долгонајавуваниот професионализам на ДПМНЕ?, прашува дополнителената министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.