Треба да продолжиме со брзо спроведување на нашите обврски со почитување на временската релевантност на идните активности. Првенствено, треба да се фокусираме на надминување на идентификуваните празнини во развојот на нашите способности и да ги усогласиме доделените цели за способности и треба да бидеме целосно посветени на имплементацијата на ветувањето за инвестиции во одбраната.

Ова денеска го порача министерката за одбрана Славјанка Петровска на годишниот брифинг со Асоцијацијата на одбранбени аташеи акредитирани во Република Македонија.

Иако е предизвик, успеавме да го зголемиме нашиот буџет на одбраната за 2023 година на вкупно 274 милиони евра, што е 1,85 проценти од БДП на земјата. Тоа е чекор што се вклопува во нашите планови за исполнување на ветувањето за инвестиции во одбраната на Самитот на НАТО во Велс за алоцирање на 2 отсто од БДП за одбраната, и ние тоа ќе го постигнеме до 2024 година, нагласи Петровска.

Од 274 милиони евра, како што информира, 33 проценти, или 88,7 милиони евра се наменети за модернизација и опремување, што, според нејзе, гарантира дека нашата Армија има средства да го продолжи актуелното и досега ненадминато темпо на модернизација.

Таа потсети дека првите шест лесни оклопни возила JLTV Oshkosh беа испорачани пред неколку месеци и најави оти ќе продолжат со набавка на оклопните возила „Страјкер“, други специјализирани возила, воена опрема, системи за противвоздушна одбрана, опрема за сајбер одбрана и други средства што ќе ја направат Армијата поспособна, а нашата колективна одбрана посилна.

Следејќи ги стандардите на НАТО и нашите сопствени домашни планови, ние сме во процес на набавка на системи за воздушна одбрана со многу краток дострел од нашиот сојузник – Франција. Билатералната одбранбена соработка со Франција забележа нов напредок во изминатата година, рече Петровска.

Во однос на градењето специјализирани капацитети, како што посочи таа, Македонија презема чекори за зајакнување на сопствените стратешки комуникации како начин на справување со дезинформациите и споделување на нашата праведна приказна со јавноста.

Ја привршуваме новата Политика за стратешки комуникации со која ќе се реорганизираат комуникациските системи во МО и ќе се создаде процес за целосно функционални, проактивни и веродостојни стратешки комуникации. Со цел да ги поедноставиме нашите стратешки комуникации, градиме доверба преку транспарентност со јавноста пред која сме одговорни. Ќе се осврнеме и на цивилната подготвеност да обезбедиме заштита на цивилите, континуитет на владата и испорачување на основните услуги за нашето население. Утврдивме недостатоци и празнини во националниот систем и презедовме неколку насоки на работа. Законот за критична инфраструктура е во фаза на изработка, а во наредниот период планираме да го завршиме процесот на одобрување, појасни министерката Петровска.

Министерката додаде дека се во тесна координација со НАТО сојузниците во обезбедувањето на потребната поддршка за Украина во однос на воена опрема, медицински залихи, хуманитарна помош и остануваме целосно посветени на Партнерството за зголемени можности НАТО-Украина, вклучително и во подготовката за постконфликтно закрепнување.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.