Историјата која се изучува во основно и средно образование треба да развива критичко мислење кај децата, но во моментов таа улога историјата ја нема. Во моментов имаме развивање на силни политички митови во историјата, злоупотреба на историјата и историско образование кое поттикнува конфликти внатре во нашето општество помеѓу различни етникуми Македонци – Албанци, Албанци – Срби, Албанци – Турци, Македонци – Турци… Ромите воопшто ги нема во учебниците по историја, замислите како се чувствува еден припадник на ромската заедница во Република Македонија, кога тие како воопшто да не постојат во земјата. Тоа мора да се промени и сите сме сложни дека неопходна е реформа за да имаме современо образование кое ќе развива критичко мислење и нема да иницира поделби. Ова го истакна Петар Тодоров, историчар од Институтот за национална историја и член на заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања за време на вечерашното гостување во Дневникот на ТВ Сител.

На прашањето кој е неговиот став по однос на новите наставни програми по историја за четврто одделение во основното образование чија примена започнува од следната учебна година, професорот рече дека материјата која ќе се изучува не е различна од таа што досега се изучувала.

„Она што ќе се изучува во четврто одделение по историја не е различно од она што претходно се изучувало, во смисла нема митологизирање, злоупотреба и инструментализација на историјата“, рече Тодоров.

Тој додава дека не се согласува со дебатите кои се одвиваат во општеството, бидејќи често се зборува за бришење на македонскиот идентитет, но, како што рече, ако ги видите наставните програми ќе видите дека не е така.

„Во наставната програма видов дека се учи за сличности и разлики на различните етнички заедници и тие се наброени – Македонци, Албанци, Турци, Роми, Бошњаци, Срби. Терминологијата граѓани на Република Македонија се користи, затоа што во Уставот кој е изгласан од мнозинството во парламентот тоа е така уредено“, рече Тодоров.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.