Најновото истражување во Бугарија на Фондацијата за хуманитарни и социјални истражувања на медиумската средина во Македонија во изминатите две години, како што пренесуваат домашните медиуми, покажало дека притисокот на Софија врз Скопје бил контрапродуктивен. Односно, дека притисокот за прашањата за идентитетот и јазикот не го запрел „македонизмот“, туку го засилил и раширил неговото влијание.

И ова видување од Софија некако се совпаѓа со истражувањето на проф.Петар Атанасов од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, што кај нас е спроведено пред крајот на 2019 година, а е насловено како – „Македонизмот“ како национализам-меѓу националниот идентитет и политичката реалност. Истражувањето воопшто или малку е медиумски експлоатирано, а само една секвенца од него авторот промовираше при едно ТВ-гостување, а во целост може да се види во годишниот алманах на Институтот, пренесува „Пресинг ТВ“.

Ако за Бугарија бил важен само медиумскиот дел за бугарско-македонските односи, во истражувањето на проф.Атанасов, екс-заменик министер за образование во владата на Зоран Заев и автор на синтагмата „Едно општество за сите“, се вклучени двата договора, со Атина и Софија, и обидите за „конечно“ разрешување на „македонското прашање“, како и нивниот одраз врз идентитетските чувства на генерацијата млади скопјани 1980-та.

Од истражувањето на проф.Атанасов како еден клучен заклочок може да се изведе чувството на пораз и пониженост од политиките на премиерот Зоран Заев од аспект на решавањето на идентитетските проблеми и прашања, што се составен дел од двата договора. А, да биде иронијата поголема, токму оваа целна група беше во центарот на вниманието на власта при неодамнешните локални избори, но и обвинувањата за национализам, анти НАТО или анти ЕУ расположение кај мнозинството граѓани во државата, што истражувањето ги урива како меур од сапуница и до некаде ја објаснува огромната разлика во гласовите на штета токму на власта.

Во истражувањето се наведува дека „македонизмот“ како термин никогаш не бил истакнат поим ниту во јавниот политички живот во Македонија, ниту во научните кругови во државата и покрај повеќедецениското постоење на Македонија како политички субјект и како национален/државен идентитет. Притоа проф. Атанасов претпоставува дека „македонизмот“ треба да го означува македонскиот национализам, но изразува чудење, што како термин многу ретко се употребува.

Како и да е, главен предмет на истражувањето биле ставовите на генерацијата родени во 1980-те за македонскиот национален идентитет, чувствата за нивната етничка или културна припадност, како и нивните размислувања за тоа како го доживуваат националниот идентитет.

Прашањата на кои требало да одговори фокус групата биле колку идентитети имате, кој идентитет е за вас најважен, зошто на луѓето им е важен националниот идентитет, воопшто, кои се според вас Македонците, кои ни се корените, што се термините нација, национален идентитет, национализам, Формирање на на македонскиот национален идентитет, кој елемент е најважен-историја, култура, политика, економија, дали кај нас се совпаѓаат политичката и културната матрица, што имаме денес-политичка или културна нација, или двете?

Но, на крајот од истражувањето, според проф.Атанасов, како актуелна се наметнала уште една тема, што накусо би можела да се елаборира преку прашањето-Дали е загрозен македонскиот национален идентитет?

Од одговорите наведени во истражувањето пренесуваме само неколку:

-Веќе не е загрозедн, сега е уништен. Беше загрозен пред 10 години, кога беше предмет на пливање…Мене лично не ми е загрозен идентитетот како Македонка. Прифатив дека сме Македонија, не го негирам тој факт. Но насилно е сменет идентитетот. Мозочно сме силувани. Така е уништен, повреден е…

-Можеби не е згрозен, но секако е доведен во прашање! После 30 години се доведуваат во прашање одредени работи, почнуваме да се преиспитуваме што сме…Јазикот не бил наш, црквата…сега се се проблематизира.

-Тоа што денес сме Македонија неминовно ќе доведе да сме Северномакедонци, сакале или не ќе се наметне, и нормално е од името да ти произлезе идентитетот…Прво биле Славомакедонци, па Македонци и како понатаму како Македонија.

-Не е проблем како ќе се викаме ако тоа сами го одлучиме. Мацедониа, Маседониа, Македонија. Наметнат ни е договор како согласна страна во име на розовата иднина, со страната која сме ја одоброволиле. На сметка на тоа, нашите официјални институции да бидат Македонија. Многу работи се нејасно дефинирани, округло, па на ќоше.

-И Преспанскиот договор е од мака и од нужда. Доволно политичарите и историчарите не отруја со идентитетот. Ни напишаа приказни со кои не можеме да се носиме. Немаме мускули за Александар. Требаше да се убеди народот, а не да се силува. Сега остана чувството на пораз и апатија…

-Јас мислам дека изворот на ова е фрустрацијата и незадоволството околу прифаќањето на туѓата волја како ние да се викаме, тоа не е наш избор…тоа е дразбата. Имаме акт на силување и уцена…пазар. ОК…Каузата е ЕУ и НАТО, подобар живот, подобри услови за заедницата и подобри шанси за идните генерации…Меѓутоа горчината од настанот на оваа генерација ќе и остане. Не сум рамнодушен. Тоа се е до чинот, до тоа како ова ќе се разреши.

-За мене името е идентитет. Ако е потребата од внатре е едно, ако е наложено и е со сила е друго. За начинот како тоа се направи е силување на демократијата. Тоа не е добра основа за понатаму.

-Поткрепено со најновите настани кога ми го сменија името против моја волја. Јас со тој идентитет завршив.

Во заклучокот, од истражувањето, пак, проф. Атанасов прашува како може да се дефинира националниот или „македонизмот“ денес? И одговара дека „македонизмот“ во овој труд се сфаќа како национализам и како идеологија на изграден македонски национален идентитет, но пред се како припадност кон македонската етничка нација.

Целосната анализа на истражувањето, од оваа временска дистанца ги прави беспредметни обвинувањата за македонски национализам, особено од страна на власта и одделни квази-интелектуалци, како и секое обвинување на сметка на опозицијата или злото земено како народ за некакво анти ЕУ и анти НАТО расположение. Зашто, овакви пораки и етикети ни случајно не можат да и се прилепат ни на генерацијата скопјани 1980-та, ни на мнозинството граѓани во државата.

А, кога станува збор за односите со Бугарија, прво што треба официјална Софија да направи е да расчисти што навистина и пречи кај Македонците-дали и пречи југословенството, србокомунизмот, комунизмот или македонството и македонизмот, кои се многу постари од нив.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.