Повеќе од 100 часови системот за Јавни Набавки при Бирото за јавни набавки е во целосен прекин и тоа без никаква најава кон економските оператори, без објава за дефект, надградба или слично. Во момент кога се закажани многу отворања на тендери, објави, електронски аукции, прогласувања на одлуки – системот е во колапс. Проект-менаџери од големи компании се сомневаат дека сето ова се случува од причина што овие денови постојат големи набавки, пред се во државниот сектеор.

„Сервисот е привремено недостапен“. Ова известување со денови стои на страницата на Бирото за јавни набавки. Пет дена ниту се објавуваат, ниту се следат тендери. Компаниите веќе реагирале и до бирото.

Од „Телма“ за проблемот, за можните штетите и дали се заштитени податоците во системот, се обратиле до Министертвото за финансии, под чија надлежност е ова тело, но, од таму кусо одговориле дека тоа фунцкионира самостојно и одговори да побараат од таму.

Експетите за сајбер заштита, пак, проблемот го оценуваат како крајно сериозен. Велат дека државните институции, мора да имаат бекап варијатна за да може системот да функционира. Предупредуваат дека ако станува збор за хакерски напад, на што и најмногу се сомневаат, податоците можат да бидат злоупотребени.

Може да се избришат, може да се преземат и уценуваат луѓе, имаше случај и во Албанија. Во најлош случај можат да бидат превземени податоците и да се прават уцени и сигурно доколку се случил некаков напад инситуцијата или компанијата одговорна за овој случај е веќе уценета, но сметам дека сите информации треба да се поделат со граѓаните и компаниите кои имаат податоци. Сега се злоупотребени и инситуцијата или компанијата одговорна за овој случај – вели за „Телма„ експертот по сајбер заштита, Филип Симеонов.

Првиот човек на Бирото за јавни набавки Хаџиев, за „Телма“ тврди не станува збор за хакерски напад и дека сајтот нормално ќе почне со работа по празниците. Станувало збор за поголем технички проблем за кој било потребно повеќе време да се санира. Тој очекува дека сите податоци во системот и архивата ќе бидат заштитени, а тендерите ќе се пролонгираат за една недела.

Преку Бирото за јавни набавки се објавуваат сите тендери и се спроведуваат сите договори за јавни набавки со државни институции, јавни претпријатија. Од бирото велат дека ова е прв пат толку долго време, сајтот да биде надвор од функција.

Со последните измени во законот за јавни набавки од 2018 година целосно се отфрлени хартиените документи и процесот на набавките се спроведува електронски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.