Доблеста и човековата големина се покажуваат со постапки и дела, а не со празни зборови, вели Младен Јаневски, претседател на Комисијата за животна средина на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.

Како политички активна младина, додава тој, го докажуваме ова, со тоа што се одлучивме да не бидеме некој што постојано ќе критикува, туку и некој кој ќе ја пофали успешноста, претприемачкиот дух и визијата за професиите на иднината.

Македонија можеби навидум е мала земја, но истовремено е полна со таленти, кои ја открија тајната на успехот, збогатувањето во најбрз можен рок и оптимизацијата при користењето на социјалните мрежи. Можеби рафтовите со леб во маркетите се празни и народот нема со што да се прехрани, но една таква мала и неважна работа не смее да го засени фактот дека со само 26.000 евра, можат да се купат неколку стотина лајкови на Фејсбук. Наградата за инфлуенсер на годината, заминува кај премиерот Димитар Ковачевски – Таче, за најмногу пари инвестирани во развојот на културата на социјалните мрежи во Македонија, истакна Јаневски.

Можеби на планетата Земја има седум континенти и речиси 200 држави, но тоа не значи дека со силен коалициски капацитет, сервилност и злоупотреба на функцијата, светот не може да биде истражен. Наградата за турист на годината, оди кај вицепремиерот Бојан Маричиќ, кој покажа дека дипломатијата е само споредна работа за еден светски патник како него.

Во фокусот на секоја успешна држава, каква што е Македонија во последните неколку години, е да се изградат што поголем број на згради и станови. Наградата за најдобар агент со недвижности, заминува кај првиот вицепремиер Артан Груби, за неговите лик и дело, и усовршувањето на преговарачките техники кои му ги донесоа најдобрите цени и зделки дополни тој.

Големината на еден човек, како што рече, се докажува и според способноста за лично докажување во повеќе сфери и области.

Според него, покрај успешната инфлуенсерска кариера што чини само 26.000 евра, премиерот-инфлуенсер докажал дека истовремено може да се биде и совршен менаџер.

Во духот на Европскиот зелен договор, борбата против климатските промени и ургентната потреба за зачувување на планетата, на Димитар Ковачевски му се доделува и дополнителната награда за најдобар менаџер во полето на алтернативните извори на енергија. Семеен бизнис во тесна врска со коалициските партнери е она што и е потребно на Македонија за да обезбеди сигурна иднина, вели Јаневски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.