Претседателот Стево Пендаровски, по повод Светскиот ден на волонтерството, упати порака до волонтерите со којашто им изразува благодарност за нивната пожртвуваност, одговорност и посветеност во извршувањето на нивните ангажмани и хуманитарни активности.

Во продолжение го проследуваме интегралниот текст на пораката.

Во животот секогаш најмногу не инспирираат поединците кои прават нешто добро, а, без никаков надомест. Доброволно, искрено, посветено и чесно, мотивирани единствено од желбата да се помогне некому во неволја, да се понуди утеха, да им се служи на другите луѓе и на заедницата на која припаѓаат.

 

Драги волонтери,

 

Вашата благородна мисија е ретка појава во светот во кој милиони секојдневно се во постојана трка по материјални богатства и моќ, не гледајќи дека покрај нив има многумина кои страдаат. Сите ние, имаме многу што да научиме од вас, вклучително и во прв ред, ние, политичарите.

 

Ви благодарам за сето време што го одвојувате и за сите напори што ги вложувате за да помагате и придонесувате за општото добро и за поспокоен живот на сите немоќни, болни и унесреќени.

 

Дозволете ми, во името на сите наши граѓани да искажам огромна благодарност и почит за вашата пожртвуваност, вашата одговорност и посветеност. Ве охрабрувам и натаму да останете ангажирани, да делувате онаму каде што е најпотребно и со личен пример полека да ја враќате вербата во хуманоста и солидарноста како предуслови за една среќна и просперитетна човечка заедница – се вели во честитката на Пендаровски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.