Претседателот на Македонија, Стево Пендаровски, за време на официјалната посета на Грција, денеска во Атина одржа прес-конференција за претставниците на македонските медиуми, коишто ја проследуваат посетата.

По средбите со претседателката на Грција  Катерина Сакеларопулу и со премиерот Киријакос Мицотакис, претседателот Пендаровски истакна дека најважно е што двете највисоки политички инстанци во Република Грција потврдиле дека Преспанскиот договор важи, ќе се почитуваа и дека има политичка волја за негова целосна имплементација. Во тој контекст, претседателот Пендаровски го повтори ставот дека договорите мора да се чуваат, заштитуваат и имплементираат и дека тоа е главниот индикатор за сериозноста на страните кои ги потпишуваат и се обврзуваат на нив.

Ние сме апсолутно сериозни во тој дел, имаме јасна политичка намера да го имплементираме сето она што е внатре напишано и во таа смисла замолив од грчка страна поголема ажурност во однос на неколку елементи, компоненти на Преспанскиот договор, кои пред се, поради Ковид-19 се најдоа во своевиден „стенд-бај“, изјави претседателот Пендаровски.

Претседателот Пендаровски потврди дека по извесна стагнација, Комисијата за трговски брендови и Комисијата за образовни, историски и археолошки прашања, ќе продолжат да работат и дека постои најава за нивна следна средба, независно од предизборниот период во Македонија. Во таа насока, претседателот Пендаровски додаде дека Комисијата за археолошки, историски и образовни прашања, уште пред почетокот на пандемијата има постигнато значаен напредок и дека усвоила и усогласила четири записници.

Во однос на средбата со премиерот Мицотакис, претседателот Пендаровски изјави дека побарал помош и поддршка за деблокада на македонските евроинтеграции на престојниот Самит Европска Унија – Западен Балкан, посочувајќи дека Преспанскиот договор претставува и договор за воспоставување на стратешко партнерство меѓу Македонија и Грција.

Очекуваме од него поддршка и помош во однос на оние претставници од земјите-членки кои уште се скептични, во прв ред Бугарија, а се разбира и со другите кои евентуално би можеле да имаат некакви забелешки за втората држава која знаете дека досега неформално е третирана во пакет со нас, тоа е Република Албанија, изјави претседателот Пендаровски.

Претседателот Пендаровски додаде дека на средбите со грчкиот државен врв изразил благодарност за донацијата на 20.000 вакцини, како и за помошта во справување со пожарите на територијата на општина Гевгелија.

Практично покажавме како функционира европската солидарност и како треба да функционира и понатаму, независно каде постојат проблеми од таков тип, изјави претседателот Пендаровски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.