Претседателот Стево Пендаровски учествуваше на виртуелниот Глобален самит за борба против Ковид-19: Крај на пандемијата и поставување на подобри основи како подготовка за следната, организиран од претседателот на САД, Џо Бајден, на маргините на 76. Генерално собрание на Обединетите нации, што се одржува во Њујорк.

Во видеообраќањето претседателот Пендаровски истакна дека вакцинацијата против Ковид-19 ширум светот, без одлагање, е од клучно значење. За да се достигне висока стапка на вакцинација на глобално ниво, како што рече претседателот Пендаровски, сите ние треба да се бориме против системските неправди со фер, инклузивна и правична распределба на ефикасни вакцини. Претседателот Пендаровски изрази поддршка на заедничките глобални цели за справување со пандемијата од Ковид-19, презентирани од американскиот претседател Бајден, оценувајќи ги како клучни за запирање на оваа закана.

Повеќе од една година, сите ние живееме со катастрофалните последици од пандемијата, сиромашните и ранливите поединци и општества, се разбира, несразмерно повеќе од другите.

Ниту една земја не може сама да ја запре оваа пандемија. Потребно е да соработуваме, да се поддржуваме едни со други и да запомниме дека Ковид-19 не е под контрола никаде се додека не е под контрола секаде. Македонија ги поддржува заедничките глобални цели кои беа презентирани денес од страна на Претседателот на САД, Џо Бајден, и ги смета истите за клучни за да се запре оваа закана.

Вакцинацијата ширум светот, без одлагање, е од клучно значење. Додека јас зборувам, 55% од населението во Македонија веќе е вакцинирано со барем една доза. Оттука, апсолутно сме сигурни и даваме ветување за целосно вакцинирање на најмалку 70% од населението до крајот на оваа година. Меѓутоа, за да ја достигнеме оваа цел на глобално ниво што е можно поскоро, сите ние треба да се бориме против системските неправди со фер, инклузивна и правична распределба на ефикасни вакцини. А, во исто време, треба да се бориме со деструктивните ефекти од лажните вести и кампањите за дезинформација со ширење на вистина и транспарентност.

Вакцинацијата сама по себе не е доволна. За да го излечиме светот, мораме да поставиме основи на поотпорен, интегриран, праведен и инклузивен глобален здравствен систем кој ќе ни помогне да спречиме, откриеме, реагираме и закрепнеме од какви било идни пандемии или други глобални здравствени закани.

Само со тоа што ќе се издигнеме повторно и ќе се вратиме назад подобри ќе осигураме дека никој не е запоставен.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.