Претседателот Стево Пендаровски по завршувањето на средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, рече дека денешната средба била во насока на повторно воспоставување на политички дијалог и за една демократија не е својствено да постои прекин на комуникациите помеѓу институциите.

Платени сме од граѓаните да комуницираме, а не да тераме личен каприц. Средбата беше на барање на Мицкоски и во телефонскиот разговор тој бараше да разговараме за проблемите и предизвиците со кои се соочуваме последнава година. Јас го информирав за тоа што се случува во однос на блокираните евроинтеграции и му реков дека од Софија не доаѓаат никакви новости поради нивната ситуација со закажувањето на нови избори и му кажав што за целата ситуација мислаат нашите европски пријатели во Брисел, рече Пендаровски.

Пендаровски потенцираше дека во врска со настаните од 27-ми април го повторил ставот дека помилување за лица кои направиле кривично дело без преседан во современа Европа не доаѓа предвид, зошто нивната вина во тој процес неспорно била утврдена во судскиот процес.

Во однос на правната квалификација на делото, факт е дека тие лица не беа осудени за кривично дело тероризам, туку по друг член за терористичко загрозување на уставниот поредок. дејствијата со кое може да се изврши тоа кривично дело се слични, запретената казна од 10 години идентична. За 27ми април постои пресуда за луѓе кои беа дел од истата толпа која го претепа Зијадин Села. Ако се следи правната квалифијкација на таа пресуда, тие луѓе беа осудени, но не беа судени за кривично дело тероризам, туку за убиство во обид, рече Пендаровски.

Претседателот повторно потенцираше дека со неговата теза не прави ревизија на судската пресуда, зошто нема причина за тоа нешто, ниту вели дека пресудата е донесена без докази, туку зборува за обидите за политичко толкување на пресудите што не придонесува за воспоставување на нормална политичка дебата во која нема да се гледаме како смртни непријатели.

Мојот став е дека ако има нови докази кои порано биле непознати и кои може да го преобраат процесот, не значи дека јас заговарам преотварање на процесот. Само ја цитирам одредбата од законот и законската можност според која тие луѓе преку нивните адвокати по правен лек може да побараат од Врховниот суд да ги оценат новите докази, ако тие постојат. Одлуката да се повтори процесот, ја носи судот, а не некој политички фактор, истакна Пендаровски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.