Претседателот Стево Пендаровски денеска оствари средба со ирскиот државен министер за европски прашања, Томас Бирн и финската министерка за европски прашања Тути Тупураинен, кои се во заедничка посета на Македонија, информира прес-службата на претседателот.

Како што се наведува во соопштението, за време на средбата биле потврдени пријателските односи со двете земји, заемната посветеност за унапредување на политичкиот дијалог, како и за поинтензивна и сеопфатна билатерална соработка.

Пендаровски истакнал дека Македонија ја цени континуираната поддршка од Ирска и Финска за нашиот евроинтеграциски процес, како и помошта во исполнување на европската агенда и реформските задачи во повеќе витални области.

На средбата беа разменети мислења за актуелните политички случувања во земјава, во контекст на францускиот предлог за започнување на пристапните преговори за членство во ЕУ, велат од прес-службата на претседателот Пендаровски.

Oд стрaна на министрите било истакнато дека идејата за Европска политичка заедница не претставува замена за полноправно членство во ЕУ, туку додадена вредност за време на процесот кој води кон зачленување во Унијата.

Соговорниците разменија мислења и за состојбите во регионот на Западен Балкан, како и за економските и безбедносните импликации врз регионот предизвикани од руската воена агресија врз Украина. Притоа, беше констататирана потребата од зајакнување на меѓународната безбедност и мултилатерален пристап во решавање на глобалните предизвици и во таа насока, беше поздравена одлуката Финска и Шведска да бидат официјално поканети да се придружат на НАТО, донесена за време на последниот Самит на Алијансата во Мадрид, се додава во соопштението.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.