Претседателот Стево Пендаровски, денеска го прими Александер Шаленберг, сојузен министер за Европа, интеграција и надворешни работи на Република Австрија.

Како што соопштија од претседателскиот кабинет, на средбата претседателот Пендаровски ја истакна важноста на принципиелната поддршка на Австрија за аспирациите на нашата земја за членство во Европската унија. Во тој контекст, претседателот Пендаровски изрази очекување дека Европскиот Совет овој месец ќе донесе одлука за отпочнување на пристапните преговори за членство во Европската унија, што ќе биде силен импулс за натамошна реализација на суштинските реформи во државата до нејзиното идно членство во унијата.

Министерот Шаленберг посочи дека Австрија дава целосна поддршка на процесот на проширување, оценувајќи дека Северна Македонија испорача резултати и, како што рече, сега на ред е Брисел да испорача. Според министерот Шаленберг, позицијата на Австрија е јасна дека Европскиот Совет треба да даде зелено светло за почеток на пристапните преговори за членство на Северна Македонија во ЕУ, се вели во соопштението.

На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи кои годинава одбележуваат 25 години од воспоставувањето на дипломатските односи, како и за состојбите во регионот.

Претседателот Пендаровски истакна дека земјата придава особено значење на развојот на билатералните односи со Австрија, која е најголем странски инвеститор во државата. Двајцата соговорници изразија задоволство од редовните средби на високо и на највисоко ниво. Во тој контекст беше оценето дека претстојната официјална посета на претседателот Пендаровски на Австрија е потврда на цврстото пријателство меѓу двете држави.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.