Претседателот Стево Пендаровски денеска оствари средба со Васил Стерјовски, пратеник со македонско потекло во Собранието на Република Албанија, како и со делегација на политичката партија Македонска алијанса за европска интеграција од Република Албанија.

Како што соопштија од Кабинетот на претседателот, на средбата Пендаровски изразил задоволство од изборот на Стерјовски, како дел од албанското Собрание и изразил уверување дека со неговата работа ќе придонесе за натамошно унапредување на севкупната соработка меѓу Северна Македонија и Албанија, како две соседни и пријателски држави и позитивно ќе придонесе за унапредување на положбата на македонското малцинство во Албанија.

Република Северна Македонија и Република Албанија имаат идентични приоритети и визија за иднината, посветени се на добрососедските односи, на регионалната соработка, на интеграцијата во европските структури, истакнал претседателот Пендаровски на средбата.

Претставниците на Македонската алијанса за европска интеграција ги претставиле тековните активности на партијата, за кои очекуваат придонес од Кабинетот на Пендаровски, а чиј фокус е унапредување на положбата на македонското малцинство во Албанија, наведуваат во соопштението.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.