Претседателот Стево Пендаровски денеска ја прими министерката за надворешни работи на Шведска, Ан Линде, при што беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете земји, кои во континуитет градат пријателски и партнерски односи.

Како што соопшти Кабиентот на шефот на државата, во тој контекст, претседателот Пендаровски посочи на интересот на Македонија за интензивирање на соработката со Шведска во сферата на економијата и се заблагодари за континуираната поддршка од Шведската меѓународна агенција за развој за Македонија.

Во контекст на европските аспирации на нашата држава, Пендаровски ја истакнал важноста на поддршката што Шведска ја дава за интеграцијата на Македонија и државите од Западниот Балкан во Европската унија.

На средбата претседателот Пендаровски истакна дека и покрај отсуството на одлука за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ, европската интеграција останува стратешка цел за Македонија. За Македонија, рече претседателот Пендаровски на средбата, не постои друга прифатлива алтернатива освен полноправно членство во ЕУ, се истакнува во соопштението.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.