Земјава вложи огромни напори за да ја надмине статус-кво состојбата од минатото. Сега е неопходно сите политички чинители заеднички да работат на европската иднина на државата, преку конструктивен политички дијалог за усвојување на суштинските реформски закони- истакна претседателот Стево Пендаровски на денешната средба со вршителот на должност помошник – државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Филип Рикер.

Пендаровски, како што соопшти неговиот Кабинет, изрази очекување дека до крајот на годината ќе биде завршено ратификувањето на Протоколот за членство во НАТО во сите земји-членки, меѓу кои и во САД, со што Македонија ќе стане 30-та членка на Алијансата.

Нашето зачленување во Алијансата ќе претставува конкретна потврда на заложбите на САД за стабилна, сигурна и економски развиена Северна Македонија и одраз на волјата на мнозинството наши граѓани кои сакаат да ја видат земјава како членка на евроатлантските институции – рече Пендаровски.

Македонија, дополни, е силно посветена на зацрвстување на стратешкото партнерство со САД, со цел поттикнување уште подлабоки врски меѓу двете пријателски земји и нивните граѓани.

Шефот на државата на средбата изрази благодарност за безрезервната поддршка и помош од САД, особено во остварувањето на нашите евро-атлантски аспирации.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.