Аферата „Рекет“ е круцијален тест за системот на правната држава и треба да се реши темелно до крај не заради Европа, туку, пред сè, заради нас самите. Не смееме да ги толерираме евентуалните странични влијанија без разлика од која страна доаѓаат.

Ова е порака што денеска ја испрати претседателот Стево Пендаровски на Третата пленарна сесија на Националната конвенција за Европската унија во Македонија, што се одржува во Собранието.

Како разочарувачка тој ја спомена состојбата што од осамостојувањето на земјава до денес има многу малку пресуди за случаи за висока корупција и изречени соодветни санкции.

А сите знаеме дека такви злоупотреби има многу. Овој факт говори дека високиот криминал и корупција биле прикривани и сме етаблирале култура на неказнување, рече Пендаровски.

Претседателот додаде дека секаде каде што има политички мешања во бизнисот, економијата трпи, малкумина се богатат под сомнителни околности, а народот страда.

Треба да им дадеме максимална поддршка на нашите институции во борбата против корупцијата, со цел културата на неказнивост да стане минато, истакна Пендаровски.

Најдобри резултати од примената на препораките на ГРЕКО земјава постигнувала во 2002 и 2005 година, но, како што забележа претседателот, од 2010 година резултатите се се послаби за да во последниот извештај бидеме оценети дека сме на незадоволително ниво.

Нешто не е во ред со имплементацијата на терапијата. Потребна е далеку поголема енергичност и посветеност, граѓаните со право сметаат дека институциите во државата не си ја вршат својата работа на најдобар можен начин. Во борбата против криминалот и корупцијата не може да има добри резултати ако нема системско справување и вредносен систем, којшто ќе биде изграден по европски критериуми, за што е потребна јасно изразена волја на сите политички чинители во државата, нагласи Пендаровски.

За успешно справување со криминалот и корупцијата, порача шефот на државата, потребно е обединување на сите, од власта опозицијата, бизнис секторот, граѓанските здруженија.

Правната држава и владеењето на правото не смеат да бидат празна флоскула, рече Пендаровски и додаде дека мора да има навремена реакција целосно заштитена од политички влијанија.

Како што додаде напорите на ДКСК не се доволни, нејзината работа треба да ја следат добро подготвено Јавно обвинителство и силно правосудство.

Нагласи дека извесни се членството во НАТО и отпочнувањето на преговорите со ЕУ, но додаде дека на земјата пред се и е потребно градење амбиент во кој политичарите нема да претставуваат посебна категорија на луѓе, за кои нема да важат законите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.