Крајно невообичаено и секако надвор од внатрешните процедури на Алијансата е претседател на една земја-членка на НАТО да ги повикува своите служби за безбедност да реагираат за наводно кршење на правата на граѓани во друга земја-членка на НАТО. Реакцијата на бугарскиот претседател е спротивна и на основниот принцип во меѓународната политика за немешање во внатрешните работи на друга држава.

Ова е официјалниот став и одговор на прашањеата на Пресинг Тв“ на претседателот Стево Пендаровски за средбата на бугарскиот претседател Румен Радев со безбедносните структури на официјална Софија и барањето на нивни ангажман за заштита на македонските Бугари од наводното кршење на основните човекови права и слободи и наводната пречка да се прокламираат како такви.

До овој момент, претседателот Пендаровски нема добиено ниту една информација од надлежните институции за кршење на човековите слободи и права на македонски граѓани само затоа што ја декларирале својата етничка припадност, велат од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски.

Како држава кандидат за членство во ЕУ ние сме со години под редовен мониторинг на Брисел, но, ниту во последниот годишен извештај за напредокот на Европската Унија не се регистрирани такви случаи, се заклучува во одговорот на Кабинетот на шефот на државата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.