Пред 21 година, во Охрид, претседателите на четирите тогашни најголеми политички партии заедно со претседателот Борис Трајковски и претставниците на ЕУ и на САД го потпишаа Рамковниот договор кој ја спречи натамошната ескалација на конфликтот и донесе мир и стабилност како предуслови за натамошен демократски развој на македонското општество – напиша претседателот Стево Пендаровски во пораката по повод одбележувањето 21 година од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.

Како што посочува Пендаровски, клучните придобивки од договорот биле зачувување на суверенитетот и на територијалниот интегритет, како и унитарниот карактер на државата. Со него, како што вели, се поставија и темелите за уставни и законодавни измени со кои се гарантираат правата на помалку бројните етнички заедници.

Во изминатите 21 година, меѓу другото и преку имплементација на Рамковниот договор станавме членка на НАТО, а, добивме статус на кандидат и ги отворивме преговорите со Европската Унија. Во тој процес изградивме модел на функционална мултиетничка демократија која ги зачува мирот и стабилноста и постави највисоки стандарди за правата на заедниците – пишува Пендаровски.

Тој посочува дека денес, кога сведочиме на војна на европско тло и кога живееме под притисокот на старите и новите безбедносни закани мораме секогаш пред очи да го имаме еден од основните принципи на Рамковниот договор со кој употребата на насилство заради постигнување на политички цели се отфрла целосно и безусловно, затоа што само политички решенија и дијалог можат да гарантираат стабилна и демократска иднина.

Сите наши напори во иднина да ги насочиме кон многу посилен економски развој, квалитетно образование и здравство, и здрава животна средина во која ќе постојат сите претпоставки за секој наш граѓанин да ги реализира своите амбиции и потенцијали – истакнува шефот на државата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.