Претседателот на државата и Врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски се обрати на присутните на денешната најголема воена вежба во историјата на земјава – „Одлучен удар“.

Со 2 700 припадници, од шест држави, заедно со Соединетите Американски Држави, Албанија, Бугарија, Литванија и Црна Гора ги усогласуваме нашите сили како вистински сојузници, разменуваме знаења и ја зголемуваме меѓусебната доверба. Колективната одбрана која се остварува преку интероперабилност, интегрирање на конвенционалните и силите за специјални операции на повеќе држави е особено важна за времето во кое живееме, истакна тој.

Вежбата „Одлучен удар“ е доказ дека можеме да се справуваме со безбедносните предизвици и дека нашата Армија е компатибилна со армиите на нашите сојузници од НАТО. Како врховен командант ги поддржувам реформите во одбраната и безбедноста и развивањето на професионална и модернизирана Армија. Како држава имаме обврска да го зголемиме одбранбениот буџет на 2% од БДП до 2024 година. Ова е реална цел и ќе ја оствариме.

Како што подвлече Пендаровски, преку долгогодишното искуство во меѓународните мисии нашата Армија се трансформираше во современа армија, компатибилна со нашите НАТО партнери.

Членството во НАТО е гаранција за нашата безбедност и просперитет и наш придонес кон регионалната и глобалната безбедност. Четири од петте држави кои денеска учествуваат на оваа воена вежба веќе го ратификуваа протоколот за членство на Македонија во НАТО. Им благодарам и очекувам и другите земји-членки да завршат со процесот што поскоро за да можеме оваа година да станеме 30-та земја членка на најуспешната политичко-воена алијанса, изјави тој.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.