Претседателот Стево Пендаровски ќе мора да го потпише Законот за легализација на дивоградбите доколку пратениците по втор пат го усвојат истиот закон без никакви измени.

Не можам да знам дали повторно ќе го изгласаат законот. Тоа е комплетно во надлежност на политичките субјекти кои се во парламентот. Прво, оние кои се во Влада дали имаат намера тоа да го направат – да го пуштат повторно во процедура, има најави од премиерот и министерот за транспорт и врски, тие тоа ќе го направат. Има најави од други политички субјекти дека можат со филибастеринг да блокираат, меѓутоа тоа е комплетно во надлежност на Собранието. Ако ме прашувате за мојата реакција кога здравје тој закон повторно би дошол кај мене, Уставот е апсолутно јасен. Немам намера да не го почитувам Уставот, да изигрувам претседател кој има т.н. џебно вето, па да не се произнесувам. Ако тој закон биде изгласан со потребното мнозинство по втор пат, се разбира дека истиот ден ќе го потпишам, вели Пендаровски.

Пендаровски нагласува дека нема да биде задоволен ако не се земат предвид забелешките за законот, кои вели ги дал во консултација со истакнати правници кои му укаже дека Законот за легализација на дивоградбите е правно неиздржан.

Имам серија забелешки, од она што го кажа премиерот, ќе бидат земени предвид, ќе се разговара за нив, меѓутоа тука завршува мојата уставна надлежност. Ако решат буквално истиот текст да го усвојат со потребното мнозинство – 61, немам избор. Нема да бидам задоволен, тоа не го напишав само за да бројам дека сум ставил вето на некој закон. После долги консултации со истакнати правни експерти ми беше сугерирано дека тоа практично е неодржливо во неколку позиции. Она што јавноста претпоставувам го знае, но не е лошо да го повториме, е дека во повторната расправа во парламентот, ако дојде до тоа, пратениците може да расправаат или да даваат амандмани само на тоа што јас сум го напишал во образложението, рече Пендаровски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.