Претседателот Стево Пендаровски, по повод одбележувањето на 22 Ноември – Денот на албанската азбука, упати честитка до припадниците на албанската етничка заедница во Република Македонија.

Почитувани сограѓани Албанци,

Нека е честит 22 Ноември, Денот на албанската азбука. На овој празник се потсетуваме на еден од најважните моменти од развојот на албанскиот јазик и култура. Свесни дека, според зборовите на Ѓерѓ Фишта, се собрани за да ја изберат азбуката, којашто ќе биде најполезна за образовно и културно издигнување на народот, делегатите на Битолскиот конгрес во 1908 година донеле историски одлуки за унифицирање на албанската азбука. Со тоа, тие го отворија патот за натамошен образовен и културен развој на албанскиот народ и го отклучија творечкиот потенцијал на генерации автори кои ќе создаваат вредни книжевни дела.

Чествувајќи го овој празник ја потврдуваме посветеноста на Република Македонија кон негувањето на соживотот во македонското мултиетничко и мултијазично општество. Соживотот е плод на довербата која, пак, фаќа корен тогаш кога луѓето го почитуваат и поддржуваат идентитетот на другиот. Ваквата доверба е неопходна за поуспешно да се справуваме со нашите заеднички предизвици и да градиме праведно општество со еднакви можности за сите македонски граѓани.

Нека ни е честит 22 Ноември, Денот на албанската азбука.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.