Претседателот Стево Пендаровски денеска оствари средба со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, кој престојува во еднодневна посета на Република Македонија, соопштија од кабинетот на Пендаровски.

На средбата се разговараше за актуелните политички случувања во Македонија, за предизвиците во однос на европските перспективи на земјава и за предлогот на ЕУ за почеток на пристапните преговори со Европската Унија.

Претседателот Пендаровски ја поздрави посетата на Мишел, карактеризирајќи ја како показател за посветеноста на Европската Унија и информираше за текот на широкиот консултативен процес кој се води во однос на францускиот предлог, како и за атмосферата во нашето општество по тоа прашање.

Двајцата претседатели се согласија дека прифаќањето на францускиот предлог ќе овозможи отворање на првата фаза од пристапните преговори, со што фактички ќе се одблокира ЕУ интеграцијата на нашата земја. Покрај ова, отворањето на првата фаза ќе претставува натамошен поттик за напредокот и просперитетот на Македонија, но ќе има позитивно влијание и врз севкупните состојби на Западен Балкан.

Соговорниците разменија мислења во контекст на загриженоста која постои кај граѓаните во однос на идентитетските прашања, за што претседателот Пендаровски потенцираше дека македонскиот јазик и идентитет мора да бидат почитувани и гарантирани од страна на ЕУ, стои во соопштението.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.