Францускиот претседател Емануел Макрон денеска ми соопшти, а јас тоа му го пренесов и на нашиот премиер Димитар Ковачевски, дека Франција како претседавач со ЕУ ќе направи модификации во предложениот текст на преговарачката рамка, информира шефот на државата Стево Пендаровски од Мадрид, додавајќи дека овој предлог е далеку подобар за нас од претходниот.

Не станува збор за нов предлог. На две-три места во предлогот има модификации кои тие ги направија во консултација со двете страни. Меѓутоа, ние рековме да не ја повториме грешката од минатиот пат, не може никој – не претседател, не премиер – никој не може да зборува во име на цела нација, на цела држава, постојат надлежни институции кај нас. Ние не сме не знам која држава од трети, четврти свет. Мораме тоа што е сега модификуван француски предлог да го искомуницираме, се разбира прво во Владата, коалициските партнери да си го искомуницираат, мора да се искомуницира со македонската јавност и мора да се искомуницира со македонскиот Парламент, вели Пендаровски во изјава за Сител.

Шефот на државата изјави дека е запознаен со содржината на предлогот, но како што вели „џентлменски“ е да не го коментира додека не добиеме официјален одговор од Софија и од Скопје.

Ќе се очекува од двете страни да го соопштат својот став и тука имам мала резерва за Софија, затоа што таму е поприлично хаотична политичката ситуација во која нема Влада, Владата е падната, а министерката за надворешни работи која е практично најистурениот играч од нивна страна во овие разговори, поднесе оставка неколку дена пред Владата да падне, изјави Пендаровски, кој учествува на Самитот на НАТО во Мадрид.

Тој нагласува дека овој модификуван француски предлог е далеку подобар за нас од претходниот.

Дали е тоа доволно добро засега ќе се воздржам, бидејќи сакам тоа да помине еден поширок круг на консултации кои за жал на препорака на нашите сојузници не ги правевме минатиот пат за да не ја загрозиме, како не замолија тие, сензитивноста на процесот. Мораме да ги искомуницираме граѓаните, луѓето, политичките субјекти затоа што знаете ние се обидуваме да направиме договор кој ќе трае. Не можеме да стоиме за договор кој не ни дава ништо во рака, а во рака мораме да имаме гаранција за македонскиот идентитет и гаранција дека никогаш јазик, националност нема да биде споменато никаде од сега па во иднина било колку и да траат преговорите. Значи, ако тоа не го добиеме со гаранции на ЕУ, не на Софија, туку на ЕУ и на Брисел ние не можеме да влеземе понатаму во процесот, додаде Пендаровски.

Шефот на државата информира и дека во разговори со „наши пријатели“ на Самитот на НАТО му било посочено дека ако ова не го искористиме, тоа може да биде последна ваква шанса, бидејќи следната би можела да укаже кој знае по колку години,

Пријателски ни сугерираа да не ја повториме грешката, како да била наша, во 2008 година кога бевме одбиени од членство во НАТО, бидејќи немавме договор со Грција. Знаете што, и договорот со Грција беше направен од една единствена причина. Преспа го штити македонскиот национален идентитет и Преспа го цементира македонскиот јазик за цел свет. Во ОН македонскиот јазик е преведен на сите шест официјални јазици, а таа е најголема светска организација. Ако тоа не ги следи, ако идниот евентуален договор со Бугарија не ги следи овие стандарди, не јас, кој и да е претседател, министер, која и да е власт или опозиција просто не може да си дозволи луксуз да разговара за такви работи кои се утврдени децении, јас би рекол и векови наназад од нашите предци, додаде Пендаровски.

Според него, сега нашата Влада треба веднаш да излезе и да ги поздрави напорите на француското претседателство и да каже кои се следните фази кај нас.

Тоа е што е најважно. Повторувам, не битно што француското претседателство завршува денес, битно е тоа што францускиот предлог и вака модификуван продолжува да живее и ќе го преземе чешкото претседателство. Тоа е што се однесува до некаков континуитет на европските политики кон нас. Значи, нема да почнуваат Чесите од утре натаму од нула како да ништо не се случило. Немој да заборавите дека одредени важни компоненти, пример билатерални или унилатерални изјави за нашиот јазик кој ги предвидуваше португалскиот предлог се во одредена форма исто содржани и во овој т.н. француски предлог, потенцира претседателот на Републиката.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.