Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, во рамки на официјалната посета на Сојузна Република Германија, оствари средба со министерот за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Хајко Мас.

На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Северна Македонија и Сојузна Република Германија, при што беше констатирано дека двете земји имаат изградено односи на пријателство, исполнети со доверба и взаемно почитување. Претседателот Пендаровски оцени дека Сојузна Република Германија е клучен политички партнер и најголем трговски партнер на Република Северна Македонија, држава која постојано дава поддршка за нашите аспирации за членство во Европската Унија и во НАТО. Претседателот Пендаровски изрази задоволство за ратификацијата на Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО во германскиот Бундестаг.

Претседателот Пендаровски и министерот Мас разменија мислења за последните случувања поврзани со европската интеграција на Република Северна Македонија. Претседателот Пендаровски посочи дека Република Северна Македонија во изминатиот период вложи многу напори во исполнување на европските критериуми и истакна дека ќе продолжи реализацијата на реформската агенда. Во таа насока, претседателот Пендаровски го реафирмираше очекувањето за одредување на датум за почеток на пристапните преговори со Европската унија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.