Претседателот Стево Пендаровски денеска ја прими претседателката на Владата на Република Финска, Сана Марин.

Во фокусот на разговорите, како што соопшти Кабинетот на претседателот, беа билатералните односи и соработката меѓу двете земји, перспективите на Македонија за почеток на преговори за членство во ЕУ, новонастанатите политички и економски текови во Европа, како и апликацијата на Финска за членство во НАТО.

На средбата Пендаровски ја поздравил тенденцијата за унапредување на политичките односи со Финска и се заблагодарил за нивната доследна и постојана поддршка на европските интеграции на Македонија и политиката на проширување на ЕУ, како процес од стратешко значење за регионот.

Во таа насока биле разменети мислења околу претстојниот Совет на ЕУ и блокадата од Бугарија, при што претседателот посочил дека процесот на проширување не треба да биде заложник на внатрешно-политичките ситуации на земјите-членки на Унијата.

Во насока на стабилноста и безбедноста на европскиот континент, претседателот Пендаровски ја поздрави апликацијата на Финска за влез во НАТО. Тој посочи дека сме силен поборник на политиката на отворени врати на НАТО и безусловно го поддржуваме членството на Финска во Алијансата, што ќе ја зајакне безбедноста не само во Северна Европа, туку и на НАТО во целина, се вели во соопштението.

На средбата се разговарало и за начините за проширување на билатералната соработка со Финска и справување со геополитичките предизвици наметнати од кризата во Украина.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.