Претседателот Стево Пендаровски ја прими италијанската министерка за внатрешни Лучана Ламорџезе, која престојува во посета на земјава по повод учеството на 22. состанок на Комитетот на министри на Конвенцијата за полициска соработка на Југоисточна Европа.

На средбата Пендаровски – Ламорџезе беше изразено задоволство од традиционално добрите и пријателски билатерални односи, со активен политички дијалог на високо и на највисоко ниво.

Пендаровски ја поздрави одличната соработка меѓу двете министерства за внатрешни работи и изрази очекување за нејзино натамошно интензивирање преку заеднички обуки, курсеви и размена на искуства, особено во областа на борбата против организираниот криминал и корупцијата на високо ниво, како и борбата против нелегалната миграција.

Во контекст на аспирациите на нашата држава за членство во Европската Унија, Пендаровски се заблагодари за силната, гласна и постојана поддршка од Италија за евроинтегративниот процес и изрази надеж дека напорите на Република Македонија ќе бидат соодветно препознаени со отворање на пристапните преговори за членство.

Пендаровски изрази благодарност за најавената донација од Италија на 256.000 дози од вакцината „Фајзер/БиоНТек“ преку механизмот КОВАКС во текот на декември.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.