Претседателот Стево Пендаровски денеска учествуваше на панел дискусија на тема „Триесет години независност и евро-атлантските перспективи на Република Македонија“, во организација на невладината организација Еуропроспера.

Претседателот Пендаровски говореше за неуспехот на процесот на проширување, за принципот на консензус како причина за блокадите во ЕУ и парализираност во носењето на брзи одлуки.

Клучниот проблем на ЕУ е носењето на одлуки со консензус. Без измени на тоа, Унијата не може да биде клучен геополитички играч. Тоа доведува и до пораст на евроскептицизмот во регионот на Западен Балкан и во Македонија, но и во самата ЕУ, што е поразително“, рече претседателот Пендаровски.

Во своето обраќање, претседателот Пендаровски се осврна и на односите со соседна Бугарија и блокадата од Софија во контекст на македонските евроинтеграции. Претседателот Пендаровски го реафирмираше ставот дека ако цената за влез во ЕУ е да се обезличиме, не ни e потребна ЕУ.

Во тој контекст, а во однос на очекувањата од Советот на ЕУ, претседателот Пендаровски искажа скептицизам во однос на шансите Македонија да добие одлука за почеток на пристапни преговори со Унијата.

Јасно е кажано од Софија дека во недостаток на Парламент и во недостаток на политичка влада тие нема да можат да дадат зелено светло. Се што можеше од наша страна да биде понудено како гест на добра волја, а што не излегло од рамките на едно резонско разговарање и преговарање за битни аспекти на билатералата со Софија беше понудено. Се разбира, не можеме да влеземе во идентитетскиот комплекс и ако некој очекува дека по јули или август ќе го направиме тоа, тој се лаже“, потенцираше претседателот Пендаровски и додаде дека останува да очекуваме по конституирањето на новата бугарска Влада да кажат како ќе излеземе од оваа ситуација којашто самите ја создадоа.

На панел дискусијата претседателот Пендаровски го оцени како одличен португалскиот предлог за надминување на спорот со Бугарија, објаснувајќи дека според него се декларираат позициите на двете страни.

Во услови кога проширувањето на ЕУ де-факто е замрзнато имаме две опции, да ја донесеме Европа дома и второ, според мене треба наскоро да почнеме да го враќаме во живот договорот за стратешко партнерство со САД од 2008-мата година. Ова не значи откажување од европските интеграции, напротив. Но, ако продолжи спорот со Бугарија, мора да бараме алтернативи“, додаде претседателот Пендаровски.

Во однос на економскиот развој и просперитет, претседателот Пендаровски посочи дека нашиот регион заостанува во физичката и дигиталната инфраструктура во споредба со земјите од ЕУ. Оттука, неопходна е помош од ЕУ и САД за побрза демократизација.

На панел дискусијата „Триесет години независност и евро-атлантските перспективи на Република Македонија“, претседателот Пендаровски се осврна и на значењето на Рамковниот договор, за неговата имплементација во државата, како и за значењето и придобивките од нашето членство во НАТО Алијансата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.