Овој момент го чекавме повеќе од 15 години. Одлуката е јасна и без дополнителни услови. Таа е потврда за спроведување на неопходните реформи, но и за значајните компромиси што ги направивме во духот на европските вредности, се наведува во пораката од претседателот Стево Пендаровски кон граѓаните на нашата држава.

Во пораката меѓу другото се вели:

Во претстојниот период не очекува макотрпна работа. Ќе мораме да направиме длабока трансформација на нашето општество и да ги постигнеме стандардите потребни за членство. Оттука, по надминувањето на кризата со епидемијата очекувам надлежните политички фактори да ги насочат сите капацитети кон што поскоро остварување на крајната цел.

Во оваа прилика сакам да им честитам на сите кои изминатите години работеа на нашата европска иднина. На повеќе генерации политичари, на стручните лица во администрацијата, на граѓанскиот сектор за јавните дебати за важни прашања и за постојаниот мониторинг на работата на институциите, но, пред се, на граѓаните за постојаната висока поддршка за нашето членство во Европската Унија.

Денес упатив и писма на благодарност до лидерите на земјите-членки на ЕУ за искрената поддршка во континуитет. Пред три дена со најавениот пакет на економска помош и конкретно се уверивме во европската солидарност уште пред да станеме полноправна членка на организацијата и тоа во период кој е тежок и без преседан за сите на континентот, без исклучок.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.