Претседателот Стево Пендаровски, денеска го прими Комесарот за соседска политика и преговори за проширување на Европската унија, Оливер Вархеји.

Посакувајќи му добредојде, Пендаровски му го честиташе именувањето на Вархеји за Комесар за соседска политика и преговори за проширување на ЕУ и му посака успех во работата и изрази очекување дека тој ќе дава цврста поддршка на перспективата за проширувањето на ЕУ со земји од Западен Балкан, соопштија од претседателскиот кабинет.

Двајцата соговорници разменија мислења и информации за актуелните состојби во Македонија, како и за аспирациите на земјата за членство во Европската унија.

Претседателот Пендаровски истакна дека европската и евроатлантската интеграција останува стратешка цел за нашата држава. Во очекување на скорешното финализирање на членството во НАТО, посочи претседателот Пендаровски на средбата, фокусот на државата е насочен кон перспективата за отворање на пристапните преговори за членство во ЕУ, соопштија од претседателскиот кабинет.

Претседателот истакнал дека земјата останува посветена на европската агенда, имајќи го предвид фактот дека за членството во ЕУ има национален консензус меѓу политичките чинители и висока поддршка од граѓаните. Тој изрази надеж дека до март годинава ќе биде дефинирана новата методологија за водење на процесот на пристапните преговори меѓу земјите членки на ЕУ.

Во контекст на предвремените парламентарни избори, претседателот Пендаровски повика на одговорност од сите политички чинители и истакна дека тие треба да бидат фер, слободни и во демократска атмосфера, со оглед на нашите аспирации за идна земја-членка на Европската унија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.