Претседателот Стево Пендаровски ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Република Кипар и на Исламската Република Иран, во Република Македонија.

Како што соопштија од Кабинетот на Пендаровски, на церемонијата на предавање на акредитивни писма од страна на Димитриос Теофилакту, новоименуван амбасадор на Република Кипар, со седиште во Белград, Претседателот истакнал дека од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете држави во август 2019 година, се создадоа неопходните услови за интензивирање на политичкиот дијалог и за продлабочување на меѓусебните односи и соработка.

Конкретно, со задоволство сакам да ја констатирам нашата подготвеност за интензивирање на економската соработка, со цел целосно искористување на економските потенцијали на нашите две земји, поттикнување на трговската размена, инвестициите, како и меѓусебната координација во развојот на туризмот – порачал Пендаровски.

Во своето обраќање тој ја истакнал континуираната кипарска поддршка за евроинтегративниот процес на нашата земја и додал дека очекува засилено афирмирање на поддршката во европските институции во периодот којшто следи.

Амбасадорот Теофилакту потенцирал дека пристапувањето на Македонија и останатите земји кандидати од Западниот Балкан во Европската Унија е висок приоритет и дека може само да придонесе кон стабилноста и просперитетот на регионот и Европа.

Со цел да дадеме силен поттик, како кон вашиот евроинтеграциски пат, така и на нашите билатерални односи, ние сакаме да размениме повеќе посети, како на претседателско, така и на министерско ниво, а вклучувајќи и состаноци на други надлежни институции, како што се стопанските комори на нашите две земји. Натамошното унапредување на економската соработка, трговијата и туризмот нуди големи можности за нашите две земји – изјавил амбасадорот Теофилакту на церемонијата на предавање на акредитивните писма.

Оценувајќи дека двете земји во изминатиот период изградиле конструктивни односи, претседателот Пендаровски, на церемонијата на предавање на акредитивни писма од страна на Сејед Мохамад Џавад Расули, новоименуван амбасадор на Исламската Република Иран, со седиште во Софија, потенцирал дека тие односи се темелат на меѓусебно разбирање и на почит.

Во таа насока, дозволете ми, да ја потенцирам нашата подготвеност за натамошно унапредување на меѓусебната соработка во областите од заемен интерес, меѓу кои би ги издвоил економијата, туризмот и културата. Ве уверувам дека и за време на Вашиот мандат ќе продолжиме со активностите и со иницијативите за постигнување уште поголема соработка во овие домени – порачал Пендаровски.

Истакнувајќи дека двете земји имаат долга историја и голем потенцијал за проширување на односите, амбасадорот Расули посочил дека на економско поле постојат многу капацитети и области за соработка.

Верувам дека блиските политички ставови, јасните економски интереси, силното културно сродство и блиското пријателство помеѓу владите и народите на двете земји, се силна основа за развој на односите и затоа подготвен сум преку консултации со македонските власти да се финализира и прецизно спроведе агендата за идните односи – нагласил амбасадорот Расули.

Претседателот Пендаровски на новоименуваните амбасадори на Кипар, Димитриос Теофилакту и на Иран, Сејед Мохамад Џавад Расули, им посакал успех во извршувањето на одговорната дипломатска функција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.