Моето чувство и на луѓето кои работат околу мене не е дека добиваме француско вето за почеток на пристапните договори. Франција со право бара подобрување на методологијата во преговорите со која што придобивките и напредокот во сите различни поглавја да биде неповратен, рече претседателот Стево Пендаровски одговарајќи на новинарско прашање поставено на прес-конференција по средбата со претедателот на Австрија, Александер ван дер Белен.

Во излагањето по средбата Пендаровски рече дека Австрија е една од првите европски држави кои ги чувствуваат позитивните процеси на Балканот, но и повремените проблеми и негативните тенденции.

Од своја страна, Виена за нас на Балканот, традиционално претставува порта кон Европа. Во овој контекст, силна и симболична порака е реализацијата на оваа посета, која и претходи и на една важна одлука што Европскиот совет треба да ја донесе следната недела, и која сите со нетрпение ја очекуваме – датум за отпочнување преговори за полноправно членство на Република Северна Македонија во Европската унија. Австрија е историски присутна во нашата земја и во регионот, и политички и економски. Пред сè, како значаен трговски партнер и прв странски инвеститор во нашата држава со вкупни инвестиции од над 600 милиони евра. Токму присуството на 45 австриски компании на пазарот на Северна Македонија и честите бизнис-контакти, како и активностите на Македонско-австриската бизнис-асоцијација, дополнително придонесуваат за зближување на нашите држави и народи, рече Пендаровски.

Тој го искористи актуелниот политички момент и се осврна на ова што се случува деновиве и ќе се случува нареднава недела во Брисел.

Сакам да ги потсетам нашите европски пријатели дека Северна Македонија ги исполни буквално сите предуслови за почеток на преговорите. Стабилноста на целиот регион е поврзана директно со евроинтегративните процеси, а Западен Балкан е дел од Европа исто толку важен за проектот на обединета Европа, како и за земјите основачи. Граѓаните на Северна Македонија оваа недела го очекуваат датумот за почеток на преговорите за полноправно членство. За мојата земја не постои друга подобра алтернатива. Мандатот како претседател го добив од граѓаните во мојата земја со недвосмислена политичка подршка за членство во Европската унија и во НАТО и потенцирам дека и надвор и дома моето политичко дејствување има само една цел, а тоа е членството во Европската унија и во НАТО и заокружување на реформите за да ја обезбедиме иднината на државата и благосостојбата на сите нејзини граѓани, рече Пендаровски.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.