Според објаснувањата на Бугарија, тие сакаат да го имитираат однесувањето на Грција кон Македонија во последните децении, поставувајќи ни предуслови за влез во Европската Унија, со цел да го заштитат националниот интерес, вели македонскиот претседател Стево Пендаровски.

Во интервју за Еуроњуз, Пендаровски изјави дека потребно е да се говори за вистинските аргументи и критериуми што државата ги исполни за влез во Унијата, а не да се дискутира за 19 или 20 век.

Бугарските барања се многу поконтроверзни од грчките. Зошто? Затоа што Грците никогаш не го доведуваа во прашање нашето етничко потекло. Никогаш не рекоа „не си Македонец“. Во ситуацијата со Грција, дадовме можност, ако сакате да се идентификувате како етнички Македонец, можете да го направите тоа. Ако некои луѓе во Грција денес велат дека се Македонци, имаат право на тоа. Бугарија го оспорува идентитетот на Македонците и тоа е големиот проблем, вели претседателот Пендаровски.

Според него, Бугарија ја изразува позицијата на бугарското општество, како резултат на долгогодишниот став на бугарските политичари и историчари, што датира од времето на комунизмот.

По Втората светска војна, особено во 50-тите и 60-тите години на минатиот век, луѓето почнаа да зборуваат за Македонија како измислен нација, за чудо создадено со декрет на Тито. Така што навистина мислам дека бугарските политичари, како и обичните граѓани, Македонците ги доживуваат како етнички Бугари или барем веруваат дека ние сме биле такви до крајот на Втората светска војна. Како и за македонскиот јазик, кој е познат и признаен во целиот свет, дека бил само дијалект на бугарскиот, рече Стево Пендаровски во интервју за Еуроњуз.

Претседателот Пендаровски додава дека засега гледа значителна промена во однесувањето на Бугарија. И покрај сите случувања на европскиот континент со руската инвазија на Украина и сите геополитички мотиви што го доведуваат во прашање концептот на обединета Европа, Пендаровски посочува дека бугарската позиција сè уште е тешка, и не се забележани значителни промени, во пресрет на одлуката на Брисел што ја очекуваме до крајот на јуни.

Во врска со вклучување на бугарското малцинство во Уставот, Пендаровски вели дека ова е една од ретките работи што ги обединува владејачката и опозициската партија.

Ова е една од темите за која сите партии во парламентот се едногласни. Зошто да не ги вклучиме Бугарите во нашиот устав? Но, ние сакаме ова да биде врзано со рок, сакаме гаранција дека ова е последното барање од бугарската страна, за бугарското малцинство, Бугарите кои живеат во Македонија. Во спротивно, секој месец или секоја година ќе мора да продолжиме да ги убедуваме нашите граѓани да сменат нешто, било да е тоа нашиот Устав, законите или нешто друго. Можеме да го направиме ова, но каде е гаранцијата дека ова е последното бугарско барање на оваа тема, вели шефот на државата.

Прашан за одделување на Албанија за за почетокот на преговорите со ЕУ, Пендаровски посочи дека доколку Тирана ги исполни сите предуслови, а во меѓувреме сè уште нема зелено светло од Бугарија, сосема е нормално да се стави на прво место интересот на своите граѓани.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.