Со идното членство на земјава во НАТО се отвораат нови можности за проширување на партнерството меѓу армиите на Норвешка и Северна Македонија, заклучија претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски, и началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Кралството Норвешка адмирал Хакон Брун-Хансен на денешната средба во Скопје.

На средбата, информирааат од Кабинетот на Пендаровски, беа разменети мислења за севкупната соработка меѓу двете земји, особено за билатералната воена соработка.

Претседателот Пендаровски се заблагодари за норвешката поддршка за нашата аспирација за членство во Алијансата, потврдена со ратификацијата на Протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО од страна на норвешкиот Парламент во јуни.

Тој изрази очекување дека во наредниот период ќе биде завршена ратификацијата во сите држави членки на Алијансата и до крајот на оваа година земјава ќе стане полноправна членка на НАТО.

Северна Македонија, истакна претседателот Пендаровски на средбата, со својот придонес во мировните мисии на Алијансата, е активен поддржувач на мирот на глобално ниво и нејзиното зачленување во НАТО е одамна заслужено. Со полноправното членство во НАТО, додаде, ќе биде заокружена една од клучните стратешки определби на државата, што ќе придонесе за нејзиниот севкупен развој.

Претходно, адмиралот Хакон Брун-Хансен денеска престојуваше во Министерството за одбрана каде се сретна со неговиот домаќин началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и со вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска.

На средбата со министерката Шекеринска, информираат од Министерството за одбрана, била искажана подготвеност од норвешка страна за споделување на нивното искуство и поддршка на нашата земја во прилагодувањето на стандардите на НАТО и вкупната транзиција кон Алијансата.

Министерката Шекеринска се заблагодари за ратификацијата од страна на Норвешка на приемниот протокол на нашата земја во НАТО како и за досегашната поддршка, и изрази увереност дека истата ќе зајакне и ќе се продлабочи. Беше заклучено дека регионалната соработка е важен инструмент во создавањето на стабилност и меѓусебно разбирање на земјите. Во таа насока беше подвлечено дека членството во НАТО ја јакне регионалната соработка при што соработката на скандинавските земји беше наведена како еден од најуспешните примери во светот, се наведува во соопштението на Министерството.

За време на официјалниот состанок, генералот Ѓурчиновски искажал благодарност за досегашната соработка и континуираната подршка од страна на норвешката армија и притоа изразил надеж за проширување на досегашната соработка и изнаоѓање на нови облици на соработка во понатамошниот период.

Адмиралот Брун-Хансен, досегашната долгогодишна соработка со нашата армија ја оценил како значајна, по што искажал уверување дека со нашето скорешно полноправно членство во НАТО ќе се унапредат и облиците на билатералната воена соработка.

За време на состанокот, делегацијата од Кралството Норвешка, беше запознаена со процесот на трансформацијата на Армијата, Учеството во мировните операции, користење на капацитетите на АП Криволак за вежбовни активности, а се разговараше и за можностите за унапредувањето на билатералната соработка помеѓу двете армии, се додава во соопштението.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.