Претседателот Стево Пендаровски, преку видео порака, се обрати на регионалниот форум „Непрофитни организации и проценка на ризик – ангажман и научени лекции за ефикасна имплементација“. Организатори на форумот се Управата за финансиско разузнавање при Министерството за финансии и Европскиот центар за непрофитно право и здружението Конект, а се одржува по повод презентацијата на Извештајот за спроведена проценка за ризикот од финансирање на тероризмот за непрофитните организации во земјава.

Како што соопштија од неговиот Кабинет, Пендаровски оценил дека извештајот е многу важен за нас, како сет на добри практики препознаени на меѓународно ниво коишто претставуваат одлична шанса за размена на искуства и знаење. Пендаровски изразил очекување дека следната година Манивал ќе спроведе ригорозна проценка на целокупниот државен систем и неговата подготвеност да ги препознава ризиците за перењето пари.

Овој извештај за спроведена проценка за ризикот од финансирање на тероризам за непрофитните организации во нашата земја влева надеж дека со имплементација на препораките ќе го направиме системот посилен и поподготвен да се справува со заканата од тероризам и нелегалните извори за негово финансирање. На тој начин ќе ја зајакнеме довербата на граѓаните и на нашите европски партнери во капацитетот и интегритетот на надлежните домашни институции како клучни носители на концептот на добро владеење – изјавил Пендаровски.

Како што се наведува во соопштението, Пендаровски ја нагласил потребата од механизми за рано препознавање на финансирањето на тероризмот од страна на организациите што се кријат зад формалните имиња од невладиниот сектор.

Македонската јавност треба да биде соодветно информирана и едуцирана во врска со дејствувањето на непрофитните организации, кои пак, треба и самите да ги зајакнат сопствените капацитети за препознавање на ризиците кои произлегуваат од перењето пари и финансирањето тероризам – додаде Пендаровски.

Според него, борбата против тероризмот мора да биде сеопфатна, меѓусекторска и системска.

Мора да ги јакнеме нашите сегашни капацитети и да ја градиме отпорноста на нашите безбедносни, но, и финансиски системи кон потенцијалните терористички напади – подвлече Пендаровски, нагласувајќи дека тоа е наша обврска, не само како земја-членка на НАТО алијансата и како кандидат за членство во Европската Унија, туку како наш државен приоритет, рече Пендаровски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.