Длабоко сум убеден дека ниту еден од денешната генерација политичари нема право да се договара или преговара за идентитетските прашања, и денес и во иднина, затоа што нашите црвени линии одамна ги имаат утврдено оние кои ја направија оваа држава во 1944-та година и тоа со државотворните акти на Првото заседание на АСНОМ: Манифестот до македонскиот народ и Документот број 8 за воведување на македонскиот јазик како службен во македонската држава, нагласи претседателот Стево Пендаровски во новогодишното обраќање во Собранието.

Тој предложи идентитетското прашање да се тргне од дневно-политичката агенда и да не ја трошиме енергијата околу тоа, зашто верува дека ставовите по ова прашање на најголемите политички партии се идентични, а се разликуваат само во однос на методологијата како до дојдеме до целта.

Ви зборувам од моето лично искуство: во целокупниот македонски политички врв и во власта и во опозицијата јас не познавам ниту еден кој е подготвен да тргува со најсветите работи за секој Македонец, рече Пендаровски.

Во таа смисла тој ги пофачи Албанците и нивниот однос кон прашањата кои го тангираат македонскиот идентитет.

За жал, кај еден дел од етничките Македонци долги години наназад постои сомнеж: дали политичарите – Албанци ја поддржуваат нашата борба за поширока меѓународна афирмација? Одговорно тврдам, бидејќи сум сведок на овие процеси повеќе од 20 години, уште кога во 1990-тите преговаравме со Грција, дека албанскиот политички фактор и кога бил на власт и во опозиција, сите овие години имал крајно коректно однесување и разбирање за нашите напори да го сочуваме и промовираме македонскиот идентитет. Таквиот став ни помагаше да бидеме посилни на сите средби со странските емисари затоа што знаевме дека зад себе имавме усогласена државна позиција. Впрочем, поинаку и не може да биде затоа што Македонија е заедничка куќа за сите нас во која нема поделба на потстанари и газди, рече Пендаровски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.