Претседателот на државата Стево Пендаровски на денешната прес конференција порача дека доколку никој не формира Влада, а Собранието не се самораспушти Оливер Спасовски ќе биде технички премиер во наредните четири години.

Дури и да не се избере влада и сите шест листи да се извртат, може да ја тераме така месеци со месеци. Ако не е исполнет единствениот услов кој Уставот го пропишува, тоа е 61 глас за самораспуштање на Собранието, тоа значи дека Оливер Спасовски ќе биде технички премиер, изјави Пендаровски

Пендаровски истакна дека врз основа на Уставните одредби, но и врз основа на консултациите со еминентни правници, рокот за доделување на мандат започна да тече од денот на верификација на мандатите на 120-те пратеници, потенцирајќи дека според Уставот во тој период  е должен да го довери мандатот на кандидатот на партијата или партиите коишто имаат мнозинство во Собранието, или пак на оној којшто го уверил дека преговара со повеќе политички партии за обезбедување мнозинство. 

Според него верификацијата на мандати почнува броењето на десетте дена во кои Претседателот е должен да го даде мандатот, односно, дека тоа не е опција, туку мора да го стори тоа, според членот 90 од Уставот, кој вели „Претседателот е должен да го даде мандатот“.

Притоа претседателот потсети на ситуациите во 2006-та и во 2016-та година, кога со писмо од тогашните претседавачи на Собранието, Стојан Андов и Трајко Вељановски биле известени тогашните претседатели, Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов дека со верификација на мандатите на пратениците Собранието е конституирано. 

Одговарајќи на новинарско прашање, Пендаровски посочи дека со исклучок на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, ниту еден од останатите претседатели на парламентарните партии не го информирал дека може да обезбеди парламентарно мнозинство.

Пендаровски нагласи дека ниту еден претседател досега не барал изјави, освен Ѓорге Иванов вториот пат, откако Груевски не создаде парламентарно мнозинство, па мандатот требаше да го добие Зоран Заев. Тој додаде дека мнозинството од 61 пратеник не се утврдува кај претседателот со потписи или со нотарски заверени изјави, туку се утврдува на денот на гласањето во Собрание за нова Влада.

Пендаровски образложи дека доколку во следните 20 дена, претседателот на СДСМ Зоран Заев не успее да формира парламентарно мнозинство, тогаш мандатот ќе го добие претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.