Претседателот Стево Пендаровски оптимистички најави дека работните групи на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ се многу блиску до договор и дека за решавање остануваат уште две или три точки за кои лидерите на двете најголеми политички партии барат компромис.

Пендаровски истакна дека клучно за постигнување договор е политичката волја од партиите.

Разликите за законот што се преостанати се толку мали што треба сите страни кои учествуваат да се надминат себе си и да најдат решение час поскоро во интерес на граѓаните“, порача Пендаровски.

Прашан дали е можно да свика нова лидерска средба за законот, шефот на државата рече дека одржува редовни контакти со сите лидери на политичките партии, но оти е многу битно да се види дали постои политичка волја да се реши тој проблем.

Ако нема политичка волја бесцелно е да ги собирам. И Свети Петар да ги собере нема да најде решение. Ако има волја не е битно кој ќе ги организира и каде ќе се сретнат, тие ќе најдат решение за половина час“, изјави Пендаровски.

Тој нагласи дека недонесувањето на законот нема да биде пречка за очекуваната одлука во октомври за старт на преговорите со ЕУ.

Ако не го донесеме тој закон нема да биде проблем за да добиеме датум за преговори во октомври. Со одлуката да се трансферираат предметите од СЈО во ЈОРСМ тој проблем е решен во овој период. Но, се разбира многу е битно да имаме нов закон за јавно обвинителство со кој некогашното СЈО ќе биде и системски регулирано за да може да продолжи по предметите заради нас, заради државата. Битно е СЈО да биде дел од редовниот систем на обвинителството и во таа смисла апелирам до политичките лидери да се договорат што е можно побрзо“, рече Пендаровски.

Притисокот за донесување на измените дополнително го намали одлуката досегашните специјални обвинители да се вратат на старите работни места во редовното обвинителство, што беше став на опозицијата во текот на преговорите. Дел од нив ги добија назад предметите што ги застапуваа во СЈО.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.