Традиционално манифестацијата по повод православниот празник Богојавление – Водици во Охрид ја следеа илјадници верници и гости како од градот, така и од околните градови, но и пошироко.

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, на среќниот фаќач и на сите православни верници им го честиташе празникот Богојавление – Водици.

Традицијата на одбележувањето на денешниот празник во Охрид продолжува. И покрај проблемот со ковид-кризата смогнавме сили, ја организиравме оваа манифестација што ете мина во најдобар ред. За мене ова е најголемиот настан што се случува во Охрид. Она што како народ не држи тоа е традицијата, таа е тука да постои, ние да ја одржуваме и да се гордееме. На фаќачот на крстот му посакувам среќа, здравје и успех, рече Пецаков.

Прославувањето на Богојавление продолжува со забава на верниците на Градскиот плоштад и концертот на групата „Љубојна“.

Поради актуелната ситуација наметната од ковид-епидемијата, оваа година нема да се одржи никакво организирано одбележување на утрешниот празник Свети Јован Крстител односно Денот на рибарите, настан што во подобрите времиња привлекуваше голем број гости во градот, а години наназад се приготвуваше и рибна чорба во казан од неколку тони.

Инаку, празнувањето по повод верските празници Богојавление и Свети Јован Крстител во Охрид е една од најмасовните црковно-верски манифестации во овој дел од православието, како според бројот посетители на чинот на осветувањето на водите на Охридското Езеро, така и по бројот верници и гости кои влегуваат во студените езерски води за да го фатат Светиот крст.

Празникот Богојавление е поврзан со крштевањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од Свети Јован, кој оттогаш се нарекува Крстител, а фаќањето на крстот означува соединување на човекот со Христа. Toj важи за еден од најголемите христијански празници. Со него завршуваат 12-те т.н. некрстени денови и циклусот зимски празници како Бадник, Божик, Нова Година (Василица) и други. На Богојавление на полноќ се верува дека се отвора небото, се појавува Бог, а луѓето му се обраќаат за да им ги исполни нивните желби. Во тој миг водите престануваат да течат и стануват лековити.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.