Градоначалникот на Општина Охрид Кирил Пецаков очекува позитивен извештај од УНЕСКО за состојбата во Охридскиот регион, во февруари, изразувајќи задоволство од соработката со централната власт во однос на тоа прашање.

Одговарајќи на новинарски прашања денеска на прес-конференција на која даде отчет за сработеното во едногодишниот мандат, тој посочи дека локалната самоуправа финансиски не е во можност да ги реализира препораките, посочувајќи дека само за отстранување на депонијата Буково биле потребни 14 милиони евра.

Ова е голема сума со оглед дека годишниот буџет на Општина Охрид е 10 милиони евра и немаме ние можност сами да го завршиме. Доволно е што имаме проектна документација и се надеваме дека во соработка со УНЕСКО аплицирајќи за средства преку грантови ќе можеме да ги реализираме што побрзо овие проекти, рече Пецаков.

Во однос на прашањето за отстранување на дивоградбите во заштитеното подрачје, појасни дека тоа бил процес кој се реализира во неколку фази.

Првата беше формирањето на она што треба да претставува регистар на дивоградби. Понатаму заеднички со Министерството за транспорт и врски и Владата откако ќе заврши конечно планот за управување на Охридско крајбрежје, кој е суштински за понатамошниот тек и напредувањето во однос на препораките и мерките поставени од УНЕСКО, кои требаше да го завршат во декември 2021 година. Не е завршен, но откако ќе заврши следува процес, каде во кој реон и дали може да се вклопат во урбанистички планови. И последната фаза е конечното чистење, ќе остане одредена бројка која ќе има иднина понатаму. Во зависност како што државата и Општината ќе одредат согласно препораките на УНЕСКО, појасни Пецаков.

Според него, прецизно се знае кои министерства за што се задолжени, а за што Општината и Владата.

– Има одредени заостанувања, но и доста работи, во кои државата заедно со Општината напреднале врз основа на комуникациите. Сите останати документи и работи поврзани со исполнување на мерките и препораките на УНЕСКО се во тек, почнати или при крај. Единствена работа за која сум екстремно задоволен е соработката со централната власт. Доста заеднички размислувања и заеднички чекори во однос на мерките. Немам никаква кочница, ниту препрека. Едноставно заеднички работиме и ги исполнуваме препораките и мерките, кои сме ги добиле во изминатиот период, подвлече Пецаков.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.