Катица Јанева е жртва на случајот „Рекет“ и таа тоа ќе го докаже, изјави денеска адвокатот Стеван Павлески, при присигнувањето на Кривичен суд, каде треба да почне процесот за одредувањето мерка притвор за специјалната јавна обвинителка, што беше побарано од Јавното обвинителство поради основано сомнение за злоупотреба на службената положба и овластувања, заради стекнување лична корист.

Катица Јанева вчера четири часа даваше исказ и многу коректно соработуваше, обвинителот беше многу задоволен, додаде адвокатот на специјалната обвинителка  Павлески.

Тој додаде дека вчера покрај распитот на Јанева како сведок за случајот „Рекет“, во писмена форма биле предадени докази во нејзина полза.

Според Павлески нема никаков судир на интереси во тоа што тој е адвокат и на Цветан Панделевски еден од осомничените во „Империја“, зошто Панделевски не е главниот лик во „Империја“, а тој како адвокат нема никаква допирна точка со Орце Камчев. Додаде дека критиките дошле од помладите колеги кои сакале да станат славни.

Катица Јанева е е човекот кој гледаше либерално на прашањата за притвор, таа е единствената која дозволуваше куќен притвор и враќање на патните исправи, но некој тоа и го зеде за зло. Јас мислам дека Катица Јанева сега е жртва на случајот и од тие причини ќе го докаже тоа, рече Павлески одговарајќи на новинарско прашање дали аргументите се на нивна страна.

Нагласи дека Јанева денеска не е на распит, туку само се одлучува за мерката притвор и напомена дека не очекувал оти таа ќе биде приведена и дека ќе и биде изречена ваква мерка.

На прашањето дали ќе побараат да и се дозволи да замине на погребот на мајка ѝ, која денеска починала по долго боледување и кој е закажан за утре, Павлески нагласи дека секако оти ќе побара, но дека и тоа е нешто за кое судијата самиот треба да биде свесен.

Јанева со полициска придружба од нејзиниот дом во Козле, каде се вршеше претрес и се конфискуваше мебел прва стигна во Кривичен, а по неа Павлески. Во Кривичен пристигна и обвинителката Вилма Рускоска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.