Во државава досега се вакцинирани 53 193 граѓани, а на  веб страницата вакцинација.мк се пријавиле 203 047. Процесот на вакцинација се одвива добро, а во тек се и подготовките за масовната вакцинација која треба да започне по велигденските празници во шесте регионални вакцинални пунктови во Куманово, Штип, Битола, Охрид, Тетово и во Кавадарди.

Министерот за здравство Венко Филипче по посетата на салата „Борис Трајковски“ во Скопје каде веќе се врши ревакцинција со „Спутник В“ после три недели од вакцинацијата информираше дека завчера стасала нова количина со уште 20 000 од овие вакцини, а 7000 од нив ќе бидат наменети за ревакцинација на вработените во критичната инфраструктура.

Вчера, како што изјави Филипче, се очекуваше да стигнат и 10 000 вакцини од „Фајзер“ обезбедени преку директен договор, а здравствените валсти веќе го добиле и распоредот за тоа дека секој понеделник ќе стигнуваат меѓу 4000 до 7000 вакцини, односно вкупно 26 000. Треба да  пристигне и одредена количина вакцини преку системот на солидарност од ЕУ преку Австрија.

-Сето тоа влегува во нашиот распоред како ќе се распределуваат вакцините. Има неколку пункта во државата, освен во Скопје, каде има фрижидери за вакцината на „Фајзер“ и тие се распределуваат и кон околните центри на тој начин што здравствените домови согласно бројот на закажани граѓани секое утро подигнуваат одредена количина од вакциналните пунктови во Куманово, Штип, Битола, Охрид, Тетово и во Кавадарди и така се прави распоредот и регионално, рече Филипче.

Веќе е завршено опремувањето на салите во Охрид, Штип и во Битола, а останатите три ќе бидат опремени до крајот на неделава, за да ги сместат, како што информира министерот, 200 000 вакцини кои треба да дојдат од Кина.

– Според информациите, тие околу 28 април треба да се подигнат од Пекинг, на 30 април преку Истанбул да стигнат во Белград, а потоа со специјален ланец на камиони да стигнат во Скопје и ќе бидат сместени во ладната соба во Поликлиниката „Јане Сандански“, рече Филипче.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.