Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев вели дека тој е на функцијата само еден месец и проблемот со недостиг на пасоши е резултат на несовесно, нестручно и непланско работење на Оливер Спасовски. Според Чулев, проблемот со недостиг на обрасци за пасоши може да се надмине со испраќање дипломатска нота до сите држави дека се пролонгира важењето на пасошите, но за тоа е потребно да се свика владина седница и да се усвои неговиот предлог.

„Направени се лоши анализи и лоши проценки, затоа нема пасоши. Во октомври има 81 илјади, од тие анализи што ги правеле за Оливер Спасовски. Тој не знам како не ги видел, не ги прочитал. Во декември има 87 илјади, што е невозможно. Не може да порасне од октомври до декември. На 7 јануари ми доставуваат информација дека има само 22 илјади пасоши и нема воопшто лични карти и возачки дозволи. Јас сум министер само еден месец и сите овие работи ги наследив како резултат на несовесно, нестручно и непланско работење на Оливер Спасовски“, кажа Чулев на прес-конференцијата за заплена на еден килограм кокаин во скопски Крушопек.

Министерот рече и дека десетгодишниот договор за обрасци за лични документи со германската фирма „Веридос“ истекол во 2017 година и оттогаш се потпишувале двегодишни рамковни спогодби. Тој вели дека е потребно да се распише меѓународен тендер за нов десетгодишен договор за да не доаѓа до вакви проблеми.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.