СДСМ на 13 јули ќе ги објави првите 20-тина кандидати за градоначалници, а ВМРО-ДПМНЕ веќе има дефинирано 15-на комплетно нови имиња и до средината на месецов ќе соопшти уште толку.

Двете партии за своите кандидати сметаат дека се фаворити.

Според генералниот секретар Љупчо Николовски, СДСМ ја креира најдобрата понуда за секоја општина, додека според лидерот Христијан Мицкоски, кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ ќе победат зашто во споредба со оние од СДСМ имаат што да понудат.

Како што изјави Николовски на брифинг со новинарите, СДСМ во изминатиот период го засилило присуството на терен под слоганот „Најдоброто“. Партијата завршила со истражувања, анкети и анализи за 20-тина општини, по што се очекува во наредните десетина дена да финишираат постапките во општинските органзиации, а потоа ќе следи и јавно објавување на кандидатите.

Ќе ја креираме најдобрата понуда за секоја општина на овие локални избори. Нашите анкети велат дека СДСМ е фаворит на изборите, имаме поголем рејтинг од ВМРО-ДПМНЕ и на ниво на лидери и на ниво на партии – истакна Николовски.

Според него, ако на тоа се додаде коалицискиот капацитет на СДСМ јасно е дека СДСМ е победник на изборите.

Наши партнери во Владата се ДУИ и ДПА и очекувам на ниво на лидери да се случи средба на која ќе се дефинира принципот на соработка за локалните избори. На кој начин, во кој обем, во кои населени места, во кој круг и слично ќе зависи од договорот. Коалицијата на СДСМ е победник на изборите – порача Николовски.

Тој додаде дека досега има 562 кандидата за градоначалници и 4.530 кандидати за советници.

Повеќе детали за изборна соработка, како што беше речено на брифингот, ќе можат да се соопштат по лидерската средба Заев – Ахмети која се очекува идната недела. Заев веќе имал средба со лидерите од коалицијата на СДСМ и од нив не било најавено дека ќе имаат посебни кандидати за градоначалници.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, пак, истакна дека веќе имаат одредено 15-ина имиња на кандидати, кои за разлика од тие на СДСМ, ќе имаат што да им понудат на граѓаните.

За локалните избори веќе имаме дефинирано 15-на имиња, очекуваме до средина на јули да бидат дефинирани уште толку како најсериозни каднидати, а конечно сите кандидати ќе ги објавиме во септември. Актуелните 15 имиња се сериозни фаворити зашто во споредба со потенцијалните кандидати од СДСМ се многу поразлични и имаат што да понудат и поради тоаќе бидат победници – истакна Мицкоски.

Тој оцени дека по изборите ќе се сменат многу работи на политичката сцена.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.